Москва вели дека акцијата што ја почна на 24 февруари е „специјална воена операција“ наменета не за окупација на територија, туку за демилитаризација и „денацификација“ на својот сосед. Франциско веќе ја отфрли таа терминологија, нарекувајќи ја војна.
„Од истокот на Европа, од земјата на изгрејсонцето, сега се шират темните сенки на војната. Мислевме дека инвазиите на други земји, дивјачките улични борби и атомските закани се мрачни сеќавања на далечното минато“, рече папата во обраќањето до властите на Малта по пристигнувањето во дводневна посета на медитеранската островска држава.
„Меѓутоа, ледените ветришта на војната, кои носат само смрт, уништување и омраза, силно ги зафатија животите на многу луѓе и нè погодија сите нас“, рече тој.
„Повторно, еден моќник, за жал опфатен во застарени тврдења за националистички интереси, предизвикува и поттикнува конфликти, додека обичните луѓе ја чувствуваат потребата да се изгради иднина што или ќе биде споделена, или воопшто нема да ја има“, рече тој.
Папата веќе остро ја осуди, како што рече, „неоправданата агресија“ и ги осуди „злосторствата“ во војната.
Но тој директно во молитвите ја споменуваше само Русија, како на пример за време на специјалниот глобален настан за мир на 25 март.
„Сега во мракот на војната што падна врз човештвото, да не дозволиме сонот за мир да згасне!“, рече тој денеска.
Претходно, Франциско рече дека размислува да отпатува во главниот град на Украина, Киев.
На прашањето на новинарот во авионот што го превезува од Рим за Малта дали размислува за поканата од украинските политички и верски власти, папата одговори: „Да, тоа е на маса“. Тој не даде повеќе детали.
Франциско беше поканет од украинскиот претседател Володимир Зеленски, градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, главниот архиепископ Свјатослав Шевчук од украинската католичка црква од византиски обред и од украинскиот амбасадор во Ватикан, Андриј Јураш.
Тој разговараше на телефон со Зеленски и Шевчук.






