„Согласно кривичниот законик, нужна е одбраната која е неопходна. Нападот и одбраната се неопходни елементи. Тој ја влечел, клоцал, ја стегнал околу вратот, неспорно се утврди од записникот за увид, по самиот увид на настанот кај обвинетата имало телесни повреди, изразени на главата, ногата и вратот. Натаму, на овој доказ се надоврзува телесниот преглед на обвинетата”, рече судијката. Неспорно се утврдило дека нападот од покојниот бил вистински и траел, а обвинетата Пале била во животозагрозувачка состојба, потврдил и психијатрискиот наод. „Правната доктрина дозволува нападнатиот да се брани”, додаде судијката.
Од психијатрискиот наод, се утврди дека од тоа што покојниот силно ја стегал за вратот, губела здив, па дејствијата биле насочени кон одбрана од сега покојниот.
Судот утврди дека одбраната била сразмерна и пропорционална, додаде судијката Гајдова.
Како точни биле и наводите на обвинетата која објаснувала, а судијката посочи: „Тој и велел дека е курва и недомаќинка. Обвинетата влегла во спалната да спие, тој влегол ја фатил за врат ја влечел, ја мавал со клоци и боксови, ја фатил за вратат и ја давел, ја влечел од кујната, а таа му рекла: „Немој ќе ме убиеш”, тој продолжил и ја гушел, таа го земала ножот кој се наоѓал на кујнската маса”. Пале, се обидела и да го спаси нејзиниот партнер со кого живеела. Му дала прва помош, се јавила во Брза помош и ги слушала сите напатствија.
Тоа што е сторено во нужна одбрана не е кривично дело, рече судијката
Случајот на Пале Иловска предизвика лавина реакции во јавноста откако се дозна дека таа неколку пати го пријавувала партнерот за малтретирање, но тој не бил гонет. Во постапката, Пале докажуваше дека таа го убила со убод во нож, додека тој ја давел и дека делото го направила во самоодбрана.






