На Гејтс му беше врачено второто највисоко граѓанско признание на Пакистан, Хилал-е-Пакистан, од претседателот на државата Ариф Алви на церемонија во Исламабад, каде Гејтс претходно се сретна и со пакистанскиот премиер Имран Кан.
Гејтс рече дека одлучноста на Пакистан да ја искорени детската парализа е инспиративна.
„Владините лидери, здравствените работници и родителите неуморно работат за да обезбедат оваа болест да не ја добие никогаш повеќе ниту едно дете. Ова е последната и најтешка фаза од напорите за искоренување на болеста, но со будноста и ентузијазмот Пакистан има можност да влезе во историјата така што засекогаш ќе го победи полиото“, се вели во соопштението на Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс.
Премиерот Кан му се заблагодари на Гејтс и рече дека искоренувањето на детската парализа е главен приоритет на владата, која работи на сите нивоа за да се осигури дека секое дете е заштитено со вакцина против оваа болест.
Минатата година, државата пријави само еден случај на детска парализа во својата оддалечна југозападна провинција Белуџистан. Пакистан и Авганистан се единствените земји во светот каде болеста што може да предизвика делумна парализа кај децата сè уште е ендемична.






