Османи посочи дека заклучокот од последната средба на Комисијата во Скопје за позитивна атмосфера и отворен дијалог се однесува на односите меѓу членовите, кога тие пред околу една година не постигнуваа никаков напредок, а средбите се одвиваа без обид да се разберат едни со други, со навреди и без сослушување.
„Целта на комисијата не е да објавува резултати, целта е да ја задржи темата научно, да ја елаборира и да ја работи, а постојано да биде конструктивна и политичкиот процес да има доверба во тој инструмент. Мислам дека последниве неколку средби го постигнуваат токму тоа. Гледате дека ние како Влада не зборуваме за историски прашања, тоа е целта – тие да зборуваат. Првата цел е постигната, се сретнуваат често, што е исто така важно и еве двете страни имаме доверба дека почнаа да работат како што треба и нема потреба од наше вмешување“, вели Османи.
Министерот истакна и дека позитивните коментари од бугарскиот премиер Кирил Петков немаат никаква разлика од тоа што тој го кажува денеска.
„Во 2019 година е решено прашањето за заедничко чествување на Цар Самоил, Кирил и Методиј, Климент Охридски. Овие договори не се објавени, бидејќи чекавме во овој процес на заокружување на политичките прашања да најдеме начин кога и како ќе се објават текстовите, но членовите на историската комисија од наша страна стојат во одбрана на тоа што го потпишале и го одобриле како текст. Во моментов се зборува дали тие содржини ќе се препорачаат на училиштата за учебниците и сепак оставам Комисијата да ги објасни тие детали“, додаде Османи.
Тој заклучи дека се потребни почести средби на македонско-бугарската Комисија и оти во моментов не постои сомнеж кон нејзините членови дека ќе прават компромиси што се надвор од нивните убедувања.
„Континуирано има обиди Западниот Балкан да не се движи со соодветна динамика кон ЕУ и тоа преку прокси играчи – дали во регионот или нашите држави. Не исклучувам дека и во нашата земја има и ќе има се повеќе. Колку повеќе ќе се зголемат изгледите за изнаоѓање на решение за забрзување на европскиот пат, толку повеќе ќе се најдат вознемирени луѓето коишто цело време работеа оваа перспектива да не се случи“, истакна Османи.
Министерот нагласи дека оваа недела луѓе од институции од земјава се јавувале во Бугарија кажувајќи дека не е потребен целиот ангажман затоа што „овде ќе се оди брзо на предвремени избори и дека нема да може ниту да се постигне одредено решение“.
„Сметам дека овие луѓе се на иста линија со оние кои ги коментира премиерот на Бугарија Петков. Луѓе кои ќе се обидат да го задржат отворено прашањето со Бугарија, да го одржат закочен процесот на европска интеграција, за да може овој регион секогаш да биде платформа за некој да го користи за остварување на свои цели. Регионот, земјите членки, ЕУ, Трансатлантскиот сојуз имаат потреба за стратешко лидерство во овој период со цел регионот да се консолидира безбедносно, политички и економски“, нагласи Османи.
Тој вели дека не може да каже за кои луѓе или институции станува збор, бидејќи тоа се испитува, но како што нагласи, и кај нас и во Република Бугарија ќе има обиди на т.н. „спојлери“ кои ќе се обидат да го попречат процесот на подобрување на билатералната соработка и деблокирање на европските перспективи.
Според министерот, интерес од блокирање на европската перспектива на регионот имаат само трети страни кои, како што рече, посакуваат Европа да биде ослабната, но оти нема да има таква сила која ќе може да ја попречи волјата на нашите граѓани оваа земја да стане членка на ЕУ.
„Стратешки интерес на Бугарија е да биде предводник на европската перспектива на регионот и регионот да се консолидира во правец на европското членство затоа што проширувањето е пред се безбедносно прашање. Бугарија се наоѓа во овој наш регионот. Безбедноста не завршува на границите на една држава“, потенцира Османи.
Во однос на вметнувањето на бугарската заедница во македонскиот Устав, Османи вели дека тешко оти тоа ќе може да се направи пред почетокот на преговорите, но вели дека разговараат со Бугарија дали ќе може тоа да се стори во текот на процесот на преговори или до пред крај на преговорите.
„Ние како држава немаме проблем во имањето исти третман за сите етнички заедници, за внесување не само на бугарската, туку и на останатите“, рече Османи.
Прашан дали во преговорите со Софија бараме реципроцитет во однос на говорот на омраза, Османи потенцира дека не само за тоа, туку решенијата кои се разговараат се на база на реципроцитет.
Министерот Османи смета дека има сериозен напредок во политичкиот дел и очекува деновиве да има средба со бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска во Брисел.
Одговарајќи на прашање на што се темели оптимизмот на бугарскиот премиер Петков, Османи смета оти тоа е поради неговото убедување дека ова е стратешки важно и за Бугарија и за нас, но и за регионот и за вкупните геополитички односи.
Османи повтори дека кога ќе има решение кое е прифатливо за двете страни, пред да се стави потпис на кој било документ ќе ги информираат пратениците. Ако не можеме за едно прашање да се договориме, вели Османи, тогаш сите други прашања што ќе ги постигнеме ќе бидат недоволни.






