Во резолуцијата се обвинува Русија за хуманитарната криза во Украина и се повикува на итен прекин на огнот и заштита на милиони цивили и нивните домови, училишта и болници што се критични за нивниот опстанок.
На гласањето во Генералното собрание, кое заседава од вчера во седиштето на ОН во Њујорк, 140 земји гласаа за, 38 беа воздржани, а пет гласаа против, пренесува Франс прес.
Во текстот се изразува жалење за „тешките хуманитарни последици“ од руската агресија, која е, како што се наведува, со размери невидени во Европа со децении.
Се изразува жалење за руското гранатирање, воздушните напади и „опсадите“ на густонаселените градови, вклучувајќи го и јужниот град Мариупол, и се повикува на непречен пристап до хуманитарна помош.
Речиси ист број земји гласаа за оваа резолуција како и на гласањето на 2 март, кое беше опишано како „историско“ во Генералното собрание, кога 141 земја ја одобрија првата необврзувачка резолуција со која се повикува Русија веднаш да престане да употребува сила против Украина. Пет земји, меѓу кои и Русија, беа против, а 35 беа воздржани.
Русија ја осуди денешната резолуција на Генералното собрание како „антируска“ и ги обвини оние што ја поддржуваат дека не се навистина загрижени за хуманитарната ситуација на теренот, туку дека сакаат да ја политизираат помошта.
Вчера Советот за безбедност на ОН не ја усвои руската резолуција за зголемените хуманитарни потреби на Украина, но во која не беше спомната руската инвазија.






