вторник, 31 март 2026

ОН: Речиси 3,5 милиони луѓе ја напуштиле Украина

Објавено на

часот

Сподели

Десет милиони луѓе, повеќе од една четвртина од украинското население на територијата под контрола на Киев пред конфликтот, ги напуштиле своите домови поради „разорната“ војна што ја води Русија, изјави во неделата Високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди.

Високата комисија за бегалци (ХЦР) на својата веб-страница околу 13 часот по средноевропско време регистрирала точно 3.489.644 украински бегалци. Тоа е 100.600 повеќе отколку во статистиката објавена во неделата.

Околу 90 отсто од оние што ја напуштиле Украина се жени и деца, а мажите на возраст од 18 до 60 години не можат да ја напуштат земјата бидејќи можат да бидат мобилизирани. УНИЦЕФ соопшти дека меѓу бегалците има 1,5 милион деца.

Околу 186.000 државјани на трети земји ја напуштиле Украина, според Меѓународната организација за миграција (ИОМ). Европа не доживеала толку силен прилив на бегалци од Втората светска војна. Четири милиони луѓе би можеле да ја напуштат земјата поради војната, предвидуваат ОН.

Пред конфликтот, Украина имала повеќе од 37 милиони луѓе во областа под контрола на Киев – со исклучок на Крим кој Русија го анектираше и областите на исток под контрола на проруските сепаратисти.

Самата Полска примила повеќе од половина од сите бегалци кои ја напуштиле земјата од почетокот на руската инвазија – околу 60 проценти. Од 24 февруари, 2.083.854 луѓе влегле во Полска од Украина, според податоците на ХЦР.

Полските граничари соопштија дека 264.000 луѓе повторно ја преминале границата за да се вратат во Украина. Уште пред оваа криза, Полска имала околу 1,5 милиони Украинци кои дошле во таа земја на Европската унија во потрага по работа.

Според агенцијата за бегалци на ОН, 535.461 лице влегло во Романија, покажуваат податоците од 20 март. Како и во Молдавија, многумина избираат да го продолжат патувањето откако ќе стасаат на безбедно.

По пристигнувањето во Молдавија, мала земја со 2,6 милиони жители, една од најсиромашните во Европа, дел од бегалците го продолжуваат патувањето кон Романија и Унгарија, а добар дел од нив за да се придружат на своите семејства.

ХЦР наведува дека во Молдавија влегле 365.197 луѓе.

Унгарија досега примила 312.120 Украинци, според податоците на ХЦР од неделата.

Земјата има пет гранични премини со Украина. Некои погранични градови, како што е Захони, ги преуредиле јавните згради во засолништа, каде унгарските цивили споделуваат храна и обезбедуваат потребна помош.

Податоците објавени од ХЦР на 17 март покажуваат дека 250.036 Украинци влегле во Словачка.

Бројот на луѓе кои се засолниле во Русија се искачува од 20 март на 231.764. ХЦР исто така истакнува дека од 21 до 23 февруари 50.000 луѓе влегле во Русија од проруските сепаратистички територии Доњецк и Луганск.

Белорусија од 20 март примила 3.765 луѓе.

ХЦР не води статистика за другите европски земји и забележува дека нивните податоци за земјите кои граничат со Украина, а дел се од Шенген зоната (Унгарија, Полска, Словачка) се однесуваат на сите оние кои ја преминале границата и влегле во земјата. ХЦР оценува дека „голем број луѓе го продолжиле патувањето во други земји“.

Организацијата посочува и дека не ги брои луѓето со потекло од соседните земји кои ја напуштаат Украина за да се вратат дома.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ