„Македонците кои живеат, растат и делуваат во Бугарија, се лојални на државата во која живеат, но исто така ги почитуваат своите корени и секогаш јасно се определуваат како Македонци. Македонците во Бугарија континуирано ги потсетуваат бугарските власти за нивното постоење и угнетување од страна на бугарската држава во историјата“, вели дијаспората и ги потсетува македонските власти дека на барањата што ги поставува Софија треба да се реагира со барање за реципроцитет, меѓу кои и тоа, за внесување на Бугари во македонскиот Устав, со барање за признавање на македонското малцинство во Бугарија.
ОМД потсетува дека Македонија е независна држава и дека како и секоја држава, има свои граѓани кои се родиле, живеат и делуваат во соседните држави или во било кои други држави, но организацијата и предупредува;
„Македонија и македонскиот народ во целина направија толку многу отстапки во блиското и далечно минато, шпо секоја понатамошна ќе доведе до дезинтеграција на македонската нација, а со тоа и на македонската држава. Тоа со сигурност ќе стане повод за голем регионален, а можеби и европски воен конфликт. Стабилноста на Балканот зависи од Македонија која е рамноправна со сите други држави на Балканот“.
ОМД наведува дека Софија продолжува со етничко негирање на македонскиот народ и историја, како надвор, така и внатре во својата територија и дека изјавите на бугарскиот претседател Радев и на премиерот Петков и нивните соработници не покажуваат ништо повеќе од претензии за негирање на постоењето на македонскиот народ и македонската држава во целост.
„Бугарија постојано наведува непотребни ултиматуми за давањето на зелено светло за пристапните преговори на Македонија кон Европската Унија иако е повеќе од свесна дека самата државност на Бугарија се разликува од македонската и дека илјадници Македонци со потекло од сите делови на Македонија ја изградиле токму истата бугарска држава. Сепак, до денешен ден, таа реалност не е прифатена од државните претставници на бугарската држава и е негирана и угнетувана со илјадници македонски жртви во Бугарија и во територијата на Македонија во текот на Втората светска војна и потоа. Поставените услови за прифаќање на Македонија кон пристапните преговори со Европската Унија се сосема контрадикторни на самата бугарска политика што доаѓа до сериозно запрашување за одлуките и ставовите на самиот бугарски политички врв.
Ставот на македонските граѓани насекаде во светот е да нема прифаќање на лажните обвинувања и препреки кон патот на Европската Унија. Македонија како држава исполни премногу неприфатливи ултиматуми од страна на скоро сите членки на Европската Унија и времето ни покажува дека Македонија и не е толку посакувана во Унијата“, се вели во соопштението на Обединетата македонска дијаспора.






