Обвинителката Катерина Коларевиќ претходно рече дека цврсти докази за бегство нема, но поради оперативни сознанија постои таков сомнеж.
Од Судот информираат дека ќе почекаат 48 часа да видат дали на нивна адреса ќе пристигнат жалби за притворот, од страна на одбраната или обвинителството, па најверојатно од понеделник ќе носат одлука.
Зеќири ноќеска заврши во Истражниот затвор во Шутка, на барање на Обвинителството, кое го сомничи за проневера. Од Обвинителството соопштија дека првоосомничениот ја злоупотребил службената положба, склучувајќи договор без јавна набавка. Според Обвинителството договорот бил склучен со правно лице, во што со умисла му помогнале двајца хрватски државјани, кои во моментов не се достапни за органите на прогонот.
Со преземените дејствија осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од над 57 милиони денари, а на штета на буџетот. Износ што бил поголем од 795.000 евра односно од договорениот износ за вршење на консултански услуги – пишува во официјалното соопштение од Обвинителството.
„Си има Управа за финансиско разузнавање, којашто пробува да го утврди трагот како се движеле парите. Кога ќе имаме некој конкретен доказ ќе ве информираме“, изјави обвинителката Коларевиќ.
Зеќири, преку фејсбук статус, во текот на вчерашниот ден истакна дека вистината ќе излезе на виделина, воедно поднесувајќи неотповиклива оставка од функцијата, а премиерот Димитар Ковачевски нагласи дека тоа е акт на политичка одговорност.






