Меѓу присутните беа и министерот за одбрана на Босна и Херцеговина Зукан Хелез, амбасадорот на Република Турција во Македонија Фатих Улусој, академик проф. д-р Фехим Хусковиќ, реис ул-улема Шаќир еф. Фетаху, како и пратеници во Парламентот на Македонија, претставници на извршната и локалната власт, претставници на невладиниот сектор и бројни други угледни гости.
Во име на организаторите, пред присутните се обрати Џевад Хот, кој нагласи дека одбележувањето на Денот на Бошњаците не е само формалност, туку важен момент во кој заедницата ја потврдува својата историска свест, национален идентитет и културна посебност. Особено истакна дека овој датум симболизира континуитет на борбата за еднаквост, но и потребата од заедничко дејствување во зачувувањето на јазикот, верата и традицијата. „Ова не е само ден за сеќавање, туку и ден на решителност – да продолжиме по патот на заедништво и одговорност кон идните генерации“, истакна Хот.
Претседателот на Бошњачкиот демократски сојуз, Мунир Колашинац, во своето обраќање се осврна на значењето на единството меѓу бошњачката заедница. Тој нагласи дека слогата и меѓусебната поддршка се клучот за опстанок во сложените општествени и политички околности. „Без заедништво нема напредок. Треба да ги надминеме поделбите и да дејствуваме како едно – едно тело, еден глас – зашто само така можеме да постигнеме конкретни резултати за нашиот народ“, рече Колашинац, потенцирајќи дека Бошњаците во Македонија имаат капацитет, знаење и волја да придонесат кон изградба на поправедно и стабилно општество.
Оваа Свечена академија беше можност уште еднаш да се потврди значењето на Денот на Бошњаците како ден на гордост, сеќавање, но и јасна порака – дека идентитетот се чува преку знаење, работа, заедништво и заемна почит.






