Како што беше речено на денешната промоција што ја организира новинската агенција БТА во Скопје, се уште не се знае цената по која ќе се продаваат вината – бели, розе, црвени и купаж кои се од висока и висока средна класа.
За околу два месеца се очекува на нашиот пазар да пристигне и бугарската ракија „Бургаз 63 барел“.
„Ќе одиме најпрво со основните верзии од вината. Има интересни купажи, а особено добро е виното розе. Ние тука немаме таков вкус. Се работи за одредени специфики во однос на производните услови. За пласманот, со маркетите се уште разговараме. Прво ќе се фокусираме на рестораните, а за неколку месеци очекуваме вината да бидат веќе препознатливи“, вели македонскиот увозник Александар Панев.
Според Јорданчо Чорбаџиски, претседател на Управниот одбор на Националната лозаро-винарска комора и извршен директор и член на Управниот одбор на Црноморско злато – Поморие, средбите што се реализираат тука со македонските партнери, во Бугарија се восприемаат многу добро, а им се допаѓаат и на македонските граѓани.
„Бугарија и Северна Македонија, се мали држави, но ако работат заедно, многу подобро ќе се позиционираат на светскиот пазар“, додаде Чорбаџиски
Бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов смета дека виното е мост за соработка и дополнително зближување на двете земји.
Кирил Валчев кој го водеше настанот, предочи дека Бугарија го познава одличниот вкус на ракијата „Тиквеш“ која може да се најде во секој бугарски ресторан, а ги познаваме вкусовите и на македонските вина.
По презентацијата, присутните имаа можност и да ги дегустираат бугарските вина.
Во 1999 година во земјава се увезени околу 100.000 литри бугарски вина по што оваа бројка се намалувала иако, како што беше нагласено на промоцијата, Бугарија е сериозен вински производител и според податоците на ЕВРОСТАТ во 2018 година реализирала извоз од над 30 милиони евра.
Презентацијата беше организирана во рамки на серијалот „БТА претставува“ чија идеја е да се промовираат различни области во кои македонскиот и бугарскиот народ можат да соработуваат.






