На вчерашната средба во Тирана на министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини со претставниците на Фондот за природата (ПОНТ) ја поздравил поддршката на ПОНТ за неодамна прогласениот национален парк Шар Планина, што е усогласена со финансирањето што веќе го обезбеди Владата, преку Министерството за животна средина и просторно планирање, велат од министерството.
„Двете страни се согласија за прв плански грант за новоформираната Јавна установа на паркот, кој ќе биде развиен со помош на национален консултант ангажиран од ПОНТ и стартуван во јуни 2022 година. Ова ќе го отвори патот за долгорочно партнерство за ко-финансирање на оперативните трошоци за да се обезбеди ефективно управување со Паркот, во согласност со Планот за управување што формално треба да биде одобрен во средината на 2022 година“, соопшти министерството информирајќи за разговорите на министерот во Тирана.

Во информацијата се вели дека годинава ПОНТ планира да објави два повика за предлози за граѓански организации во областа Кораб – Шара. Првиот повик за предлози ќе се фокусира на локални невладини организации за поддршка на властите на Паркот во нивните напори за управување. Вториот повик ќе биде за националните невладини организации за поддршка на различни заштитени подрачја во регионот што е фокус на ПОНТ, како и еколошките коридори помеѓу прекуграничните заштитени подрачја.






