Повеќе од 80% од станбените згради во тој град се оштетени, а голем број се урнати. Украина го отфрли ултиматумот на Русија, која бараше предавање на градот. Мариупол е последниот голем град во тој дел од земјата што е под контрола на Украина.


Денеска Кирил Степанов, советник на руската јужна федерална област, која го опфаќа Крим, за РИА новости изјави дека „преземањето на контролата на автопатот од Крим до Мариупол сигурно ќе го поврзе полуостровот со транспортниот коридор Донбас“. Русите сакаат да го поврзат полуостровот Крим, кој Русија го анектираше во 2014 година, со југоисточниот регион Донбас, кој ги опфаќа проруските сепаратистички самопрогласени републики Доњецк и Луганск. Но, за да го направат тоа, прво мора да го освојат Мариупол.
Новите фотографии објавени од Максар технолоџис покажуваат густ чад што се издигнува од низа станбени згради во Мариупол поради руските бомбардирања. Пред војната во градот живееле околу 400.000 луѓе. Сега, според достапните податоци, останале околу 100.000.







