Говорејќи ексклузивно за Би-би-си, тој рече дека не треба да се поврзува со антиваксерското движење, туку го поддржува правото на избор на поединецот.
Ѓоковиќ беше прашан дали би го жртвувал учеството на турнири како Вимблдон и Ролан Гарос поради неговиот став за вакцината.
„Да, тоа е цената што сум спремен да ја платам“, рече тој.
20-кратниот грен слем победник беше депортиран од Австралија минатиот месец, откако владата му ја откажа визата поради невакцинираност.
Ѓоковиќ, кој е светски машки тенисер број еден, рече дека добил медицинско ослободување за да влезе во земјата за да игра на Австралија опен бидејќи неодамна оздравел од ковид-19.
Сепак, министерот за имиграција на земјата, Алекс Хок, лично му ја откажа визата на 34-годишниот тенисер, со образложение дека неговото присуство може да предизвика „граѓански немири“ и да поттикне антиваксерско чувство.
„Никогаш не бев против вакцинацијата“, изјави тој за Би-би-си, потврдувајќи дека се вакцинирал како дете, „но секогаш ја поддржував слободата да избираш што ќе внесеш во твоето тело“.
Ѓоковиќ рече дека се надева оти барањата за вакцинација на одредени турнири ќе се променат, додавајќи дека се надева дека „ќе може да игра уште многу години“.
Но потврди и дека е спремен да се откаже од шансата да стане статистички најдобриот тенисер на сите времиња, бидејќи е цврсто убеден. Ривалот на Ѓоковиќ, Рафаел Надал, има освоено 21 Грен слем титула – најмногу од сите натпреварувачи.
Запрашан зошто, Ѓоковиќ одговори: „Бидејќи принципите на одлучување за моето тело се поважни од која било титула или што било друго. Се трудам колку што можам повеќе да бидам во склад со моето тело“.
Ѓоковиќ рече дека „отсекогаш бил одличен ученик за благосостојбата, здравјето, исхраната“ и дека неговата одлука делумно се должи на позитивното влијание што факторите како што се промената на неговата исхрана и неговиот режим на спиење го имале врз неговите способности како спортист.
Тој рече дека „е отворен“ за можноста да биде вакциниран во иднина, „бидејќи сите ние се обидуваме колективно да го најдеме најдоброто можно решение за ставање крај на ковидот“.
„Никогаш не сум бил против вакцинацијата. Разбирам дека на глобално ниво, сите се обидуваат да вложат голем напор во справувањето со овој вирус и наскоро, се надевам, да му го видиме крајот на овој вирус“.
Ѓоковиќ е, по сите стандарди, извонреден поединец, вели Би-би-си. Израснат среде две војни во поранешна Југославија, од родители што го продавале семејното злато и преговарале со лихвари за да ги финансираат неговите амбиции, тој течно зборува шест јазици, веројатно е најдобриот играч што некогаш зел рекет. И – најважно – длабоко посветен либертаријанец, кој силно верува во индивидуалната автономија.
Тој очигледно длабоко размислувал за конфликтот помеѓу индивидуалната автономија и колективното добро – и чувствува дека, како елитен спортист, неговото тело е негова работа – во обете значења на тој збор. Тој вели дека има отворен ум, но како што стојат работите, нема да се вакцинира.
Што сака тој повеќе да знае?
се прашува Фергус Волш, медицински уредник на Би-би-си.
Администрирани се повеќе од 10 милијарди дози вакцини против ковид и околу шест од 10 луѓе во светот примиле барем една доза, вели Волш. Значи има богатство од информации. Како и сите лекови, вакцините против ковид имаат потенцијални несакани ефекти, но нивниот безбедносен профил е одличен. Тие спасија безброј животи, спречија сериозни болести, а може да штитат и од долгиот ковид.
Овие вакцини беа развиени во рекордно време, но голем дел од развојот на вакцините обично е опкружен со доцнења во финансирањето. Научниците вклучени во испитувањата на вакцините против ковид и регулаторите што ги одобрија велат дека не била скокната ниедна фаза од аспект на безбедноста.
Некои ретки несакани ефекти се појавија дури откако почнаа да се вакцинираат милиони луѓе, поради што регулаторите продолжуваат да ја следат безбедноста од недела во недела.
Тешко е да се знае што повеќе му треба на Новак Ѓоковиќ или што сака да знае, вели Волш. Тој вели дека нема доволно информации за „вакцината“, како да е дадена само една ковид-вакцина. Дадени се многу. Како елитен спортист, тој е со низок ризик од ковид. Но не со нула. На крајот на краиштата, тој двапати се разболел.
Во нашето интервју, вели Би-би-си, Ѓоковиќ се осврна и на шпекулациите за редоследот на настаните во пресрет на Австралија опен во јануари.
Некои сугерираа дека згодно се погодило позитивниот ковид-случај на Ѓоковиќ во средината на декември да се случи токму навреме за да му биде одобрено медицинско ослободување да присуствува на Опен.
„Разбирам дека има многу критики и разбирам дека луѓето излегуваат со различни теории за тоа колку сум имал среќа или колку било згодно тоа“, признава тој.
„Но тоа не е ничија среќа и никому не му е згодно да добие ковид. Милиони луѓе имаат и сѐ уште се борат со ковид низ светот. Затоа го сфаќам ова многу сериозно, навистина не ми се допаѓа некој да мисли дека сум злоупотребил нешто или сум направил нешто за сопствена корист, со цел, знаете, да добијам позитивен ПЦР-тест и на крај да заминам во Австралија“.
Запрашан дали е свесен за каков било обид да се манипулира со кој било од ковид-тестовите што ги направил (месецов истражувањето на Би-би-си фрли сомнеж за тајмингот на позитивниот тест), тој категорично вели не.
Тој, исто така, даде дополнителни детали за времето поминато во притвор додека беше во Мелбурн минатиот месец.
„Бев навистина тажен и разочаран од начинот на кој сето тоа ми заврши во Австралија“, рече тој. „Не беше лесно.“
Неговото барање за медицинско изземање беше поднесено анонимно и беше прифатено од две независни австралиски комисии. Сепак, во патната декларација имаше грешка.
„Апсолутно, грешката во декларацијата за виза не е намерно направена“, рече Ѓоковиќ. „Тоа беше прифатено и потврдено од Федералниот суд и самиот министер за имиграција во Австралија.“
„Значи, всушност, она што луѓето веројатно не го знаат е дека не бев депортиран од Австралија врз основа на тоа дека не сум вакциниран, или дека сум прекршил некои правила или дека сум направил грешка во моето барање виза. Сето тоа беше всушност одобрено и потврдено од Федералниот суд на Австралија и од министерот за имиграција.“
„Причината зошто бев депортиран од Австралија беше затоа што министерот за имиграција го искористи своето дискреционо право да ми ја укине визата врз основа на неговата перцепција дека би можел да создадам некакви антиваксерски чувства во земјата или во градот, со што целосно не се согласувам“.






