„Гоце се бореше за Македонија на Македонците — ние ја немаме Република Македонија. Гоце го разбираше светот како културно поле за натпревар на народите — денеска во дел од Европската Унија основните човекови права на Македонците да го изучуваат својот јазик, да се собираат во културни, религиозни и политички движења им се скратува, а серијата на пресуди за кршењето на нивните права пред Судот за човекови права во Стразбург се игнорира, а ЕК не го спроведува законот на ЕУ и не ги казнува членките на ЕУ кои го кршат основното човеково право на Македонците во ЕУ.
Уште полошо, денеска политичката воља на македонскиот народ изразена на референдумот од 8 Септември 1991 и 30 септември 2018 не се почитува и неговото основно право на самоопределување не се почитува. Затоа ја немаме Република Македонија.
Ние од Нов Асном заедно со Млади на Македонија се обврзуваме да го следиме патот на Гоце Делчев и да се избориме за нашите основни човекови права и правото на самоопределување, право втемелено во повелбата на Обединетите Нации. Од патот што го трасира Гоце не се откажуваме и ги повикуваме сите патриоти да ни се придружат во нашата борба за повторно да бидеме победници“, изјавија претсавници на двете здруженија, Нов АСНОМ и Млади на Македонија.






