Откако НАТО одлучи на конфликтот во Украина да одговори со значително засилување на трупите на источното крило, норвешкиот премиер Сторе кажа дека засилено присуство на сојузничките трупи во Норвешка не е опција.
Како одговор на руската воена операција за „демилитаризација и денацификација“ на Украина, НАТО ги удвои своите борбени групи на источното крило на воениот блок. Покрај постоечките борбени групи во балтичките држави и Полска, мултинационалните сили на НАТО ќе бидат стационирани во Бугарија, Унгарија, Романија и Словачка. Меѓутоа Норвешка нема да ја преиспитува својата политика за воени бази на територијата на земјата, кажа Сторе.
„Комбинацијата од историјата и географијата може да доведе до различни потреби кога станува збор за безбедноста“, кажа Сторе. „Успеавме да ги задржиме ниските тензии на северот во ова време. Тоа сакаме да го зачуваме. Не навестивме потреба или желба тоа да се промени“.
Декларацијата на Норвешка за воените бази од 1949 година предвидува нордиската земја никогаш да не одобри бази за странски војници на своја територија во мирнодопски услови.
Оваа пролет норвешкиот парламент треба да одлучува за нов одбранбен договор со Соединетите Американски Држави. Договорот го направи претходната влада на Сторе пролетта 2021 година, а оваа година ќе биде ставен на одобрување. Тоа би можело да им даде право на Американците да постават инфраструктура во неколку норвешки воени бази. Русија остро реагираше на овој договор, тврдејќи дека тој значи милитаризација на Норвешка.
Претходно Норвешка добиваше сили на американски маринци на ротациска основа. Воздухопловната база Вернес исто така служи за позиционирање на американските оружени сили како дел од програмата за предпозиционирање на маринците во Норвешка. И покрај критиките на опозициските партии, владата изјави дека договорот не е во спротивност со норвешката политика за воени бази.






