По повод тврдењето на косовскиот премиер Аљбин Курти дека рускиот претседател Владимир Путин сака да предизвика војна на Балканот, тој вели дека не постои таква опасност и дека регионот нема да биде предмет на каква било воена интервенција бидејќи кризата ќе заврши на територијата на Украина.
„Нема тука ништо сериозно. Ова барање и желба на приштинските привремени институции за членство во ЕУ и НАТО е едноставно обид да се вклопат во оваа криза и да одат по стапките на украинскиот претседател, да се искористи кризата за Косово да ја заокружи независноста и да издејствува политички поен во оваа криза. Меѓутоа, сето тоа заедно не е реално. Нема овој простор да биде предмет на каква било воена интервенција во врска со оваа криза. Оваа криза ќе заврши на теренот на Украина со глобален договор на големите, пред сè на релација Москва-Вашингтон. Не постои таква опасност за која зборува Курти“, кажа Миливојевиќ.
Според него, не постојат никакви елементи кои би имале реална основа, ни правно, ни политички, Косово да стане членка на ЕУ и НАТО.
„Ова е обид во целата криза, а на бранот на овие политички чувства кои сега се врзани за Украина, да се изврши притисок да се деблокира процесот за потврда на косовската независност на тлото на Европа. Значи, на некој начин да се изврши на земјите членки на ЕУ и НАТО кои не го признале Косово да го сменат ставот и на тој начин да се изнуди потврда на косовската државност покрај она што е политичка и правна реалност“, вели српскиот аналитичар.
Тој истакна дека според Лисабонскиот договор, договорот за ЕУ, и според договорот за НАТО, членки можат да бидат само признати суверени држави, членки на ОН.
Миливојевиќ кажа дека секој преседан кој би се направил врз основа на некоја политичка одлука би морал претходно во политичка смисла да биде предмет на консензус на сите држави членки и на ЕУ и на НАТО, промена на ставот на оние членки кои не го признаваат Косово. А потоа во правна смисла, промена на договорите врз основа на кои функционираат ЕУ и НАТО, што е сериозен процес кој, според него, апсолутно не е реален.
„Ако случајно би се донела политичка одлука да се прими Косово, на пример, во ЕУ под овие услови, тогаш тоа би значело дека автоматски Србија е членка на ЕУ и по правна и по политичка основа. Исто така, ако се случи, да кажеме, Украина или Грузија да бидат примени во НАТО и ЕУ, тогаш според истиот принцип и Србија би требало веднаш да се прими во ЕУ, бидејќи тоа се земји кои имаат внатрешни проблеми и спорови и тогаш би немало пречки и Србија да се прими како полноправна членка која исто така има внатрешни проблеми од територијална природа“, вели Миливојевиќ.
Според тоа, како што заклучува, кога сето ова ќе се земе предвид, треба да се третира како обид на Приштина политички да се искористи кризата, но за каков било успех не постои никаква реална основа и барањето на Приштина треба да се гледа исклучиво за внатрешна употреба.






