„Не верувам дека НАТО треба да биде дел од овој конфликт. Нудиме безбедносна помош и ќе продолжиме да ѝ ја нудиме на Украина“, кажа Смит за Би-би-си.
Киев од НАТО повеќе пати побара да воведе зона на забранети летови за да се спречи Русија да ги користи своите авиони како поддршка на нејзините сили на земја, но многумина изразија загриженост дека тој чекор би можел да доведе до ескалација на конфликтот.
Смит повтори и дека НАТО не сака да прави компромис во својата политика на „отворени врати“ за идните членки во Европа.
„Политиката на проширување на НАТО ќе продолжи. Русија нема право на вето на тоа. Ќе почнеме разговори за долгорочни промени на ставот во Источна Европа. Ќе го направиме спротивното од она што Русија го сака“, кажа таа.
Таа ја критикуваше руската одлука да ги стави нуклеарните сили во висока готовност.
„Не сакаме Русија да зборува за каков било вид нуклеарна ескалација. Таквата реторика е екстремно опасна и го зголемува ризикот од погрешни проценки. Ја повикуваме Русија да се повлече од Украина и на прекин на огнот“, порача Смит.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара вчера на прес-конференција Западот да му испрати авиони, ако нема моќ да го затвори воздушниот простор над Украина.






