Наместо тоа, на персоналот на ОН му е советувано она што се случува во Украина да го нарекуваат „конфликт“ или „воена офанзива“, и на своите лични постови на социјалните мрежи или сајтови да не закачуваат поставуваат украински знамиња.
„Ова се конкретните примери на јазикот кој треба/не треба да се користи во овој момент“, се наведува во мејлот во кој имал увид весникот Ајриш тајмс.
„Користете „конфликт“ или „воена интервенција“, а не „војна“ или „инвазија“, кога зборувате за таа ситуација“, се наведува во пораката.
Таквата политика на комуницирање е оправдана во мејлот како начин да се избегне „ризик по угледот“.
„Ова е важно потсетување дека ние, како меѓународни службеници, имаме обврска да бидеме објективни. Постои сериозна можност од ризикување на угледот, на што неодамна укажаа високи функционери“, се наведува во пораката.
Меѓутоа, таквиот избор на јазик предизвика критики дека ОН отишле предалеку во обидите да не ја навредат Русија, која е и понатаму моќна членка на светската организација и членка во Советот за безбедност со право на вето.
Портпаролот на ОН Стефан Дижарик негираше дека постои таква инструкција. „Едноставно не е точно дека персоналот на ОН е инструиран да не го користи зборот „војна“ или „инвазија“ при опишувањето на ситуацијата“, кажа Дижарик.
Тој во официјално соопштение наведе дека се создал „погрешен впечаток“, но сепак призна дека е испратен мејл со таква содржина.
Руските претставници не го користат зборот „инвазија“, туку војната во Украина ја опишуваат како специјална воена операција, а Кремљ презема чекори таквата терминологија да се користи во цела Русија и во медиумите.
Како привремена членка на Советот за безбедност на ОН, Ирска се залага за укинување на правото на вето, кое ѝ дава можност на Русија како една од петте членки на Советот да ја блокира секоја резолуција.






