четврток, 29 јануари 2026
Кој да плати?

МЖ Транспорт ѝ должи 21 милион евра на хрватска компанија, беа 3,8 милиони, никој ништо не презема

Владата формира нова работна група што треба да го разгледа случајот со долгот на Македонски железници Транспорт кон Хрватски железници. Првичниот долг бил 3,8 милиони евра, а денес е безмалку 21 милион евра. Ова е најмалку втора владина работна група што само го одложува решавањето на овој проблем, а доверителот месечно инкасира по 70 илјади евра.

Објавено на

часот

Сподели

Има заклучок на Владата со кој е формирана работна група што треба да подготви извештај за сите можни правни решенија на овој проблем. Ова е единствениот одговор од Владата за оваа проблематика. Од Македонски железници Транспорт – молк.

Долгот на државното акционерско друштво МЖ Транспорт расте секоја година – по околу еден милион евра годишно. И така е веќе со години.

По распадот на Југославија и порамнувањето на сметките и долговите на железничките претпријатијата утврдено е дека МЖ Транспорт имаат долг од околу 49 милиони евра кон дваесетина европски железнички претпријатија. Со посредство на Меѓународната железничка унија (УИЦ) постигнат е некаков договор за порамнување, но останаа отворени сметките со Хрватска, Унгарија и Бугарија. Со Унгарија и Бугарија на билатерално ниво работата е средена, останаа отворени 3,8 милиони евра долг на Македонски железници кон Хрватски железници Карго. Побарувањата се дел од транспортните приходи од железнички и товарен превоз од 1991 до 1995 меѓу Хрватска и Македонија.

Во 2004 година Македонија носи Указ, законска гаранција на долгот дека државата во име на АД МЖ Транспорт ќе ги плаќа пристигнатите ануитети. Овој указ, според правниците, значи дека овој долг не може да застари, што сега некој во Владата се обидува да го постави како решение за проблемот.

Хрватски железници во 2010 година на меѓународен тендер ги продава сите долгови (главница+камата), меѓу кои и тој од АД МЖ Транспорт. Тогаш, на 27 декември 2010 гдина, долгот веќе стигнал до бројката од 12.054.962 евра (8,2 милиони евра камата на 3,8 милиони евра главен долг). ЦИОС е хрватската компанија што од тогаш продолжува во обидите да го наплати долгот од македонската државна компанија МЖ Транспорт. Сопственик на ЦИОС, хрватската компанија за собирање и преработка на индустриски отпад, е Петар Припуз.

Како држава со секое пролонгирање на ненамирување на долгот годишно губиме околу еден милион евра.

Овој долг се покажува како проблематичен во секој годишен биланс на успех и бизнис-план за следната година на АД МЖ Транспорт. Но никој од одговорните владини службеници со години не презема ништо, надевајќи се дека некако долгот ќе застари, но каматите само ги зголемуваат бројките.

Претставници на ЦИОС со години се обидуваат да стапат во контакт со претставници на МЖ Транспорт за да се реши ова прашање, но безуспешно. Ги поседуваме писмата до поранешните директори на МЖ Транспорт Љубиша Ристиќ и Шабан Зендели. Во 2018 година ЦИОС добива известување дека се бара решение, но бројчаникот со каматите пропишани од УИЦ е немилосрден – денес долгот е 20.918.06  евра.

Или, секој месец македонските граѓани се задолжуваат за нови и нови 77 илјади евра. А власта, и оваа, и претходната и таа пред неа, безгрижно само ја префрлаат топката на оние по нив.

Ако вака продолжи, се чини дека и оваа приказна, како и онаа со ОКТА, ќе заврши на уште една меѓународна арбитража, која, според сите податоци и дадени гаранции како држава дека ќе ги намириме сите долгови според договорот, сигурно ќе ја изгубиме. И овојпат ќе остане неодговорено прашањето кој ќе биде одговорен за ваквото лежерно однесување на владините службеници и милионски штети по буџетот.

Освен тоа, ако сѐ заврши на меѓународна арбитража, се отвора и дополнителниот ризик Македонија да добие мерка на бришење на транспортните линии запишани во меѓународниот регистар.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ