Русија го одложи постигнувањето на новиот ирански нуклеарен договор, во последен момент додавајќи неочекувани барања како одговор на западните санкции поради нејзината инвазија на Украина, посочува Тајмс.
Новиот договор се очекуваше да биде објавен во следните неколку дена, откако едно од клучните прашања беше испеглано од генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА), Рафаел Гроси, за време на неговата посета на Техеран.
Русија го поддржа нуклеарниот договор меѓу Иран и светските сили и претходно вршеше отворен притисок врз Иран, својот стратегиски партнер на Блискиот Исток, да направи отстапки во преговорите во Виена.
Меѓутоа, на 5 март, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ненадејно објави дека Москва нема да се согласи на каков било нов договор без писмена гаранција на САД дека санкциите против Русија поради Украина нема да го загрозат нејзиното право „на слободна и целосна трговска, економска и инвестициска соработка и воено-техничка соработка со Исламската Република“.
Русија можеби се надева дека може да има корист од кочењето на договорот, пишува Тајмс, додавајќи дека Вашингтон се надева дека новиот договор би ги намалил високите цени на нафтата на светските пазари, што ќе ѝ наштети на руската економија, која по санкциите е уште позависна од продажбата на нафта и гас.
Преговорите за заживување на иранскиот нуклеарен договор се водат во Виена откако американскиот претседател Џозеф Бајден ја презеде функцијата минатата година. Од првичниот договор, склопен во 2015 година меѓу петте постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации и Германија со Иран, поранешниот американски претседател Доналд Трамп ги повлече Соединетите Држави три години подоцна и воведе строги економски санкции за Техеран.
Дипломатските напори за постигнување ревидиран ирански нуклеарен договор се доведени во прашање поради неочекуваното барање на Русија за писмени гаранции, кои Западот речиси сигурно ќе ги одбие, пишува Гардијан.
Прифаќањето на барањето на Москва Иран да биде изземен од санкциите наметнати на Русија по нејзината инвазија на Украина, според весникот, ќе отвори огромна дупка во режимот на казнени мерки.
Преговорите во Виена со месеци беа оаза на дипломатската соработка меѓу Русија и Западот, бидејќи тие работеа напорно за да постигнат компромис прифатлив и за Иран и за Соединетите Држави, наведува Гардијан и додава дека главниот руски преговарач во Виена Михаил Улјанов неуморно посредувал во разговорите, но дека сега постои ризик конфронтацијата на Москва со Западот поради Украина да ја расипе неговата работа.
Тајмингот на новиот пресврт во долготрајната сага, за време на која нуклеарните разговори беа на работ на колапс, не е случаен, бидејќи Кремљ е загрижен за зголемената закана за клучниот приход на Русија од нафтата по инвазијата на Украина, посочува Политико.
Нуклеарниот договор во следните месеци ќе донесе значителни количества иранска нафта на светските пазари, што може да биде проблем за рускиот претседател Владимир Путин, бидејќи иранските залихи ќе помогнат да се неутрализираат нарушувањата на пазарот и скоковите на цените, доколку Западот ги заостри санкциите кон Москва поради војната во Украина со забрана на продажба на руска нафта.
Нафтата е клучна за рускиот буџет, посочува Политико, објаснувајќи дека западните земји, иако сè уште директно не воведоа санкции за нафтата и гасот, рекоа дека се подготвени за тоа, и многу трговци со нафта веќе почнаа да го спроведуваат ембаргото во практика.
Заканата со дополнителни санкции поради Украина веќе влијае на приходите на Русија од нафта, наведува Политико, посочувајќи на фактот дека речиси три четвртини од руската трговија со нафта се замрзнати по инвазијата на Украина.
„Тешко е да се каже дали ова е технички проблем или политички пресврт“, рече Али Ваез, директор на иранскиот проект во Меѓународната кризна група, и додаде дека крахот на иранскиот нуклеарен договор не е во среднорочен и долгорочен интерес на Русија, иако „краткорочно би можел да помогне во одржувањето на глобалните цени на енергијата како средство за притисок врз Западот“.






