„Како најверојатно сценарио го гледаме тоа дека Русија нема да може да ги исполни своите обврски“, напиша вчера Сајмон Вајвер, глобален шеф на кредитна стратегија за пазарите во развој, пренесе Блумберг.
„Во случај на непочитување на обврските, ситуацијата во земјата би можела да биде слична на онаа во Венецуела“, додаде тој.
„Веќе на 15 април Русија би можела да се најде во ситуација да не може да го исплати својот надворешен долг, што би било крај на 30-дневниот период за исплата што руската влада го должи на доларските обврзници кои доспеваат во 2023 и 2043 година“, рече Вајвер.
Според податоците собрани од Блумберг, индикативните цени покажуваат дека инвеститорите ги проценуваат обврзниците од 2023 година на околу 29 центи за американски долар, што е најниската цена досега. Во деновите пред Русија да ја нападне Украина, со долгот се тргувало над номиналната вредност.
Иако ретко се случува државниот долг да падне на едноцифрен број, Морган Стенли верува дека руските обврзници „би можеле да се доближат до тоа“. Либан и Венецуела се единствените неодамнешни примери за толку низок пад на долгот на една земја.
Имено, Морган Стенли смета дека Русија можеби нема да може да го плати надворешниот долг поради санкциите наметнати од САД и ЕУ. Неизвесно е и дали на американските банки ќе им биде дозволено да прифатат исплати од руското министерство за финансии.






