„Најмалку што очекувам беше овој некредибилен премиер да се извини бидејќи неговиот генерален секретар е фатен во тежок криминал и најмалку што требаше е да излезе пред граѓаните и да се извини заедно со тој кој што е висински премиер, а кој што денеска си ги троши парите стекнати на начин на кој што видовте, како се стекнувале пари. Правда во Македонија нема, но наскоро, по одржување на предвремените парламентарни избори, и обвинителството и судството ќе бидат ослободени“, рече Мицкоски.
Тој, осврнувајќи се на фотографијата од мечот со Италија во Палермо, рече дека се виде како функционира правдата – министерот е во средина, од левата страна е обвинителот, од десната страна судијата.
„Никој не го споменува судијата. Распрашајте се кој е судијата што седеше до министерот и колкаво е неговото значење кога се носат одлуки кои ќе бидат обвинители и судии. Јвноста и медиумите треба многу посериозно да се занимаваат со таа тема. Тоа е јасен приказ дека ние живееме во заробена држава, држава во која што немаме ниту слободно обвинителство, ниту слободно судство, затоа степенот на доверба ни е скромни 8 проценти, и затоа граѓаните не веруваат во правдата“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски ја повика власта да ги прифати барањата на наставниците кои штрајкуваат и да се нивелираат примањата на работниците.
„Тешко се живее, затоа што инфлацијата е огромна. Инфлацијата минатиот месец е 8,8% на годишно ниво и тоа е навистина е една исклучително висока стапка која што ќе ги надмине сите проекции кои што претходно оваа некредибилна влада ги предвидуваше. Затоа, веднаш и под итно да се врати законот во собраниска процедура за зголемување и нивелирање на платите согласно коефициентот на сложеност на работното место и оваа самобендисана Влада да го прифати предлогот на опозицијата и предлогот на синдикатите“, нагласи Мицкоски.
За случајот со убиениот хрватски ракометар Денис Тот лидерот на ВМРО-ДПМНЕ оцени дека не треба да се политизира.
„Треба МВР да одговори зошто криеше и зошто молчеше и зошто институциите кои се надлежни за да го расветлат овој грозоморен настан, не го расветлуват, туку континуирано се обидуваат да ја стават работата под тепих“, изјави Мицкоски, додавајќи дека треба да одговараат и оние кои го кријат сторителот на убиството.






