„Оваа влада нема легитимитет, овој премиер нема легитимитет од народот и секое решение кое што овој човек ќе го потпише, нема да биде решение, туку дополнителен проблем. Повторувам, идната влада на ВМРО-ДПМНЕ, секое решение кое што ќе ги задира националните интереси, идентитетот, посебноста на македонскиот народ, културата, традицијата, обичаите, многу вековната борба на македонскиот народ за формирање своја, сопствена држава, македонскиот јазик, владата на ВМРО-ДПМНЕ нема намера, нема намера да го почитува“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за спорот со Бугарија на пуштањето во употреба на спортски комплекс во Бутел.
Според Мицкоски, промена на власта во земјава ќе се случи многу бргу.
„Ако мислат дека тоа што оваа влада предводена од Османи и Ковачевски ќе потпише е завршена работа, не е“, изјави тој.
Мицкоски упати и порака до Брисел.
„Имам јасна порака до Брисел, оставете ги овие егзибиции и циркуски претстави на двајца политичари кои до пред 6 месеци не ни знаеја дека овој проблем постои. Ниту Ковачевски ниту Петков не знаеја дека овој процес постои, а камо ли сега да бидат луѓе кои ќе изнајдат решенија. Затоа се секогаш оптимисти и насмеани“, рече Мицкоски.
Идната влада, како што кажа, ниту има намера да го почитува, ниту има намера да биде дел од учебниците со кои што децата ќе учат искривена историја, историја со која што оваа влада, по принципот на Талибанците, има намера да ја тушира.
„Сѐ останато, е само авантура и тоа треба да го знаат и Петков и Радев и политичарите во Бугарија, дека наскоро од сега оваа влада ќе биде минато, новата влада која што ја има мнозинската поддршка од народот во Македонија, договорот кој што ќе задира во овие столбови кои што јас сега ги кажувам, нема да биде почитуван и нема да биде дел од учебниците со кои што овие деца овдека ќе се образуваат“, додаде Мицкоски.






