„Она што им го украдоа на пензионерите и за кое што зборувавме уште пред три години, се обидуваат сега да го санираат, претставувајќи го како некој иновативен Швајцарски модел, а тоа е практично законот од пред 2018 година, кој што го укинаа, кога донесоа закон со кој им ги намали пензиите на пензионерите. Сега се обидуваат со некакви трикови да претставуваат Швајцарски модели, во кои нема ништо Швајцарско, можеби само ако останало нешто од скијањето оваа зима на раководството на СДСМ да ги потсетува на Швајцарија. Инаку суштината е дека ова е оној модел кој што пред да го смени Мила Царовска и Зоран Заев на 21 декември 2018 година важеше“, рече Мицкоски.
Тој дополни дека ВМРО-ДПМНЕ и тогаш зборуваше колкав е грабежот и за колку се оштетени пензионерите со тој закон на власта кој го донеле, а и сега зборува.
Мицкоски кажа дека ВМРО-ДПМНЕ во Собранието поднело вистинска мерка за покачување на стандардот на пензионерите и пензиите, но за жал, како што рече, „од оваа криминална власт тоа не беше прифатено, за сега преку некој трикови да се обидуваат да претстават некаков Швајцарски модел, кој што нема ништо Швајцарско во него, единствено ќе продолжат да врват тендерите и криминалот ќе тече“.
Мицкоски денеска учествуваше на протестниот марш во штип што го организираше Унијата на жени по повод 8 Март.
„Со овој протестен марш практично протестираме за сите оние жени кои што се дискриминирани, но и воопшто за луѓето кои што се дискриминирани во Македонија, бидејќи тешко се живее, повеќе од половина милион луѓе кои живеат со помалку од 150 денари на ден, рафтовите на продавниците се празни, инфлацијата е голема, стандардот е се понизок, и луѓето практично ден за ден едвај крај со крај врзуваат“, изјави Мицкоски.






