Мицкоски смета дека ова што го прави Ковачевски и Османи е директно загрозување на преговарачките позиции, додавајќи дека недолично и срамно е тоа што Османи прифаќа на договор кој веќе еднаш е одбиен.
„Имаме само определени шпекулации кои што или ги дознаваме од медиумите или канали кои што се неофицијални, но тоа се нерелевантни информации што доаѓаат до нас. Навистина се срамам од ова што го прават Ковачевски и Османи на граѓаните во Македонија. А она што го направи Османи, прифаќајќи договор што веќе бил одбиен неколку месеци претходно, веќе не е ни домат дипломатија. Ова просто се граничи со нешто што е уште пониско од таа домат дипломатија. Се срамам што граѓаните плаќаат практично пари на ваков тип на политичари да земаат плати и да уживаат привилегии на грбот на народот, кој во овие кризни времиња едвај крај со крај врзува. Навистина е недолично за еден министер за надворешни работи три месеци откако откако бил одбиен, да прифаќа нешто. Тоа е исто како да зборуваме за ланскиот снег“, рече тој.
Мицкоски додаде дека однесување на власта во однос со преговорите со Бугарија покажува комплетна деструкција и уништување на процесот и на тој начин директно ги загрозуваат шансите, македонскиот народ и на сите граѓаните во државата.
„Јас не знам каква е оваа стратегија и кој ги подучува на сето ова, но ако мислат дека на тој начин ќе се покажат како политичари кои се конструктивни, тогаш ова е комплетно спротивно на тоа и ни покажуваат комплетна деструкција и уништување на процесот и на тој начин директно ги загрозуваат шансите, македонскиот народ, граѓаните во Македонија без разлика дали се Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби и останати да добијат можност да ги почнат преговорите со Европската Унија. Ова е одлична можност да го загрозат тој почеток тоа што го прави Ковачевски и Османи“, заклучи Мицкоски.
Тој за посетата на Петков нагласи дека доколку бугарскиот премиер сака да покаже пријателство, тогаш истиот пример од Битола да го земе и за Благоевград и Сандански и да им овозможи и на тие Македонци во Бугарија еден културен македонски центар, посочувајќи дека пријателството се покажува со дела, а не со зборови.
„Петков кога ќе замине во Софија треба да земе пример од Битола и да направи сличен таков потег во Благоевград и Сандански, и на тие илјадници Македонци кои живеат таму да им овозможи еден културен македонски центар во согласност со сите пресуди од Стразбур. На дело да го покажат тоа братство за кое цело време зборува и полна му е устата за братство и пријателство. Пријателството не се зборува, туку се покажува со дела“, рече Мицкоски.






