Највисокиот суд на Обединетите нации, Меѓународниот суд на правдата, денеска донесе одлука за итното барање на Украина Русија да ја запре инвазијата.
„Руската Федерација веднаш ќе ги прекине воените операции што ги почна на 24 февруари 2022 година на територијата на Украина“, соопштија судиите.
Одлуката беше донесена со 13 спрема 2 гласа – против неа гласале само рускиот и кинескиот судија.
Судиите додадоа дека Русија исто така мора да се погрижи другите сили под нејзина контрола или поддржани од Москва да не ја продолжат воената операција.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на Твитер ја поздрави веста, велејќи дека „Украина оствари целосна победа во својот случај против Русија пред Меѓународниот суд на правдата. МСП нареди веднаш да се запре инвазијата. Наредбата е обврзувачка според меѓународното право. Русија мора веднаш да ја испочитува. Игнорирањето на наредбата уште повеќе ќе ја изолира Русија“.

Што е случајот?
Киев ја обвинува Москва дека незаконски се обидува да ја оправда војната со лажно тврдење за геноцид во регионите Доњецк и Луганск во источна Украина.
Русија ги бојкотираше сослушувањата на МСП претходно овој месец.
Во писмениот поднесок, Москва тврдеше дека судот „нема јурисдикција“ затоа што барањето на Украина е надвор од опсегот на Конвенцијата за геноцид на ОН од 1948 година на која таа го заснова својот случај.
Русија рече и дека „дејствува во самоодбрана“ за да ја оправда својата инвазија на Украина.
Украина вели дека Конвенцијата за геноцид, која двете земји ја потпишаа, не дозволува инвазија за да се спречи геноцид. Нема докази дека Украина извршила или планирала напади што би можело да се сметаат за злосторства против човештвото.
Случајот е одвоен од истрагата за воени злосторства во Украина што ја покрена Меѓународниот кривичен суд (МКС), посебен трибунал, исто така со седиште во Хаг.






