„Македонци, вие не сте само херои, туку и светци. За вас, сите жртви се заслужени“, се наведува во честитката, цитирајќи ја мислата на еден од основачите на Македонската револуционерна организација, Иван Хаџи Николов.
Од Матица посочуваат дека токму тие мисли биле двигател на саможртвата на илјадници идеолози и борци за македонската слобода – и на оние што ја дочекале, и на оние што ја платиле со животот, следејќи ја девизата на Дамјан Груев: „Подобро ужасен крај, отколку ужас без крај.“
Во честитката се потсетува и на зборовите на Христо Татарчев, според кој „слободниот живот, но и политичките борби, влијаеја кај мене да се формира посебен светоглед за слободата на човекот и народите“.
Од Матица македонска нагласуваат дека слободата што денес ја имаме не би била возможна без борбите и жртвите на револуционерите, ниту пак би постоеле другите значајни датуми во македонската историја доколку не се формираше Македонската револуционерна организација – темелникот на македонската државност и самостојност.
„За нас, Македонците што ги водиме денешните битки, нашите херои, сите оние што беа дел од Организацијата и од борбите за нашата слобода и државност, се рамни на светци. Споменот за нив ќе го сочуваме само ако сториме сѐ за да го зачуваме и развиваме сето она што е македонско“, велат од Матица.
Тие додаваат дека преку своите изданија ја чуваат меморијата за борците и нивните имиња, со златни букви запишани во историјата, со постојана свест дека и денес треба да се избориме како Македонци.
„Во сите битки сме и ќе останеме на браникот на македонското – со македонски збор и со македонска книга, следејќи го светлиот пример на Организацијата“, порачуваат од Матица македонска.
На крајот, тие упатуваат порака: „Да живее споменот и чествувањето на Македонската револуционерна организација! Нека ни е честит Денот на македонската револуционерна борба! Нека се вечни Македонија и македонскиот народ!“






