вторник, 31 март 2026

Мариупол – градот што веќе не постои (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

Дмитро, бизнисмен што го напуштил градот минатиот вторник, изјави за Фајненшл тајмс дека неговите пријатели му рекле дека последниве денови го прават тоа, откако останале без залихи со храна. „Ги слушате тие зборови, но едноставно е невозможно да поверувате дека тоа се случува“, рече тој. „Тоа е пекол на земјата“.

Некогаш едно од најважните украински пристаништа, Мариупол сега е пепелиште, град на духови. Повеќе од две недели градот е цел на руски бомбардирања со таков интензитет што цели населби се претворени во урнатини.

По неколкудневните артилериски и воздушни напади, кои ги пробија трите одбранбени линии на Мариупол, руските војници сега влегоа во центарот на градот, а на некои од главните улици и плоштади се водат жестоки борби.

Руските сили веќе контролираат голем дел на истокот од градот, изјави за ФТ Ана Романенко, украинска новинарка што е во близок контакт со тамошните украински сили. „Линијата на фронтот сега минува токму низ Мариупол“, рекла таа.

[video:https://www.youtube.com/watch?v=82xVUWPKbbQ autoplay:0]

Дмитро, кој одбил да го каже своето презиме, е еден од жителите на Мариупол со кои ФТ контактирал телефонски откако минатата недела биле евакуирани во украинскиот град Запорожје, околу 230 километри на запад. Сите тие рекле дека нападите биле толку брутални што целиот град бил уништен, огромен број цивили биле убиени, додека преживеаните ќе ги носат лузните до крајот на својот живот.

Микола Осиченко, извршниот директор на телевизијата Мариупол, изјави дека од последните три недели најмногу ќе се сеќава на чувството на екстремна беспомошност. „Кога бомбите паѓаа, јас секогаш го покривав син ми со моето тело“, рече тој. „Но знаев дека реално не можам да го заштитам, тоа беше чин на очај“.

Стратегиски лоциран на брегот на Азовско Море, портата кон Црно Море, Мариупол е на рускиот нишан од почетокот на војната. По само неколку дена, руските сили почнаа ракетни напади врз градот, прекинувајќи го снабдувањето со електрична енергија, гас и вода, оставајќи 400.000 жители да се кријат во темни и студени засолништа.

Властите во Мариупол тврдат дека од почетокот на руската инвазија загинале 2.400 жители на градот.

Преживеаните ги опишуваат очајните напори да се складира храна додека околу нив паѓаат бомби. Дмитро изјавил за ФТ дека минатата недела отишол на централниот пазар откако бил срамнет со земја во руски артилериски напад.

„Сѐ гореше, телата на жртвите беа насекаде, јас само чекорев и купив зелка и моркови од улица, знаејќи дека тоа значи дека моето семејство може да преживее уште еден ден или два“, рече тој. „Сите ваши чувства се отрпнати“.

[video:https://www.youtube.com/watch?v=J3IYi1tXuDU autoplay:0]

Цивилните жртви се ставаат во масовни гробници или закопани во дворови: вистинските погреби се премногу опасни.

Поради руската опсада, жителите на Мариупол останаа без храна, вода и гас. Храната ја готват на оган од запален искршен мебел во дворовите на своите домови.

Осиченко рече дека луѓето во неговата куќа, поради жед, цеделе вода од радијаторот, собирале и топеле снег и ги пребарувале парковите барајќи извори. „Но таму би се направиле редици, а тоа се совршени цели за руските ракети“, рече тој. Граѓаните брзо почнаа да ги избегнуваат потоците бидејќи беа контаминирани од телата на настраданите.

Фотографиите на социјалните мрежи го покажуваат обемот на уништувањето – огромни станбени блокови се претворени во пепелишта, а бомба фрлена во една од детските болници создала кратер од 10 метри.

Многу жители ги искористија ретките моменти на смиреност за да го напуштат Мариупол и да стигнат до територијата контролирана од украинските сили. „Градот повеќе го нема“, изјави за агенцијата АП Марина Гала, која успеала да побегне од Мариупол со својот 13-годишен син во западниот град Лавов.

Таа рече и дека улиците се преполни со тела на загинати, дека жителите се гладни и жедни, а ја обзема тага поради помислата на членовите на семејството што останале. „Не знам ништо за нив“, изјави таа за АП. „Мајка ми, татко ми, баба ми, дедо ми. Тие дури и не знаат дека заминав“.

Романенко, кој е родена и пораснала во Мариупол, сега е во Запорожје, каде што е бегалец. Таа вели дека срцето ѝ е скршено од судбината на нејзиниот град – но е решена еден ден да се врати „и да направи сѐ што е во нејзина моќ за да помогне во обновата“.

„Ќе се вратам кога Русите ќе заминат“, рече таа. „Таму се погребени сите мои предци. Не можам да бидам среќна на друго место.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ