„Дејли Мејл“ тврди дека клучниот дел е решен, Манчестер Сити постигнал договор со Ерлинг Халанд според кој напаѓачот ќе биде најплатен играч во Премиерлигата со плата од 500.000 фунти неделно.
Договорот со Халанд беше и најпроблематичниот дел од трансферот, бидејќи обесштетувањето е јасно, тој има откупна клаузула во договорот со Борусија Дортмунд од 75 милиони евра која Манчестер Сити ќе ја активира.
Ако се оди според планот, наскоро Халанд ќе стави потпис на петгодишен договор со Манчестер Сити и уште идната недела би можел официјално да биде објавен како засилување за тимот на Пеп Гвардиола.
На Манчестер Сити му е потребен вистински напаѓач, минатото лето не успеаа да го донесат Хари Кејн, но овојпат се чини дека решението го најдоа во Халанд.
За него интерес имаше и од Реал Мадрид, но нивниот приоритет е Килијан Мбапе. Барселона поради финансиски причини не можеше да биде конкурентна за Халанд.
Халанд е роден во Лидс, а неговиот татко Алф-Инге има играно како фудбалер за Сити, тој бил инволвиран во преговорите и сакал неговиот син да заигра во Премиерлигата.






