Ле Пен во изминатите недели скокна во анкетите и се очекува во вториот круг да се соочи со Макрон, чиј реизбор до пред неколку недели изгледаше сосема сигурен.
Макрон сè уште води во анкетите за вториот круг, но неговата предност е на маргина на грешка.
„Кој пред шест недели можеше да сфати дека требаше веднаш да започнам со политички собири, дека требаше да се фокусирам на домашните прашања кога започна војната во Украина“, изјави Макрон за радиото РТЛ.
„Значи, факт е дека влегов (во кампањата) дури и подоцна отколку што сакав“, рече Макрон, додавајќи дека го задржал „духот на освојување, а не на пораз“.
Ако Ле Пен биде избрана овој месец, нејзината социјална програма ќе ги избрка меѓународните инвеститори, рече Макрон во интервју за дневниот весник Ле Паризиан.
„Нејзината програма ќе создаде огромна невработеност бидејќи ќе ги избрка меѓународните инвеститори и буџетот нема да издржи“, рече тој.
„Нејзините основи не се променети: тоа е расистичка програма чија цел е да го подели општеството и е многу брутална“.
Ле Пен за Радио Франс инфо во петокот рече: „Емануел Макрон не ја знае мојата програма. Тој мора да мисли дека тоа е програмата на (кандидатот на крајната левица) Жан-Лук Меланшон“.






