Југоисточното пристаниште Мариупол, град во кој пред војната живееја 400.000 луѓе, е еден од најтешко погодените од бомбардирањата. Западот проценува дека десетици илјади луѓе се заробени во урнатините со малку храна, струја и греење.
„Денес беше одржан разговор со градоначалникот на Мариупол. Ние координираме и се надеваме на преговори со Русите“, кажа Макрон по самитот на ЕУ, додавајќи дека преговорите ќе се случат „што е можно побрзо, во следните неколку дена“. „Ќе разговарам со претседателот Путин во следните 48 до 72 часа за да ги довршиме деталите и модалитетите. Тоа е итно“, додаде Макрон.
Москва денес сигнализираше дека ги намалува своите амбиции во Украина за да се фокусира на териториите кои ги држат проруските бунтовници.
Макрон кажа дека нема причина да го прифати барањето на Русија да го плаќа рускиот гас во рубљи. Рускиот претседател Владимир Путин претходно неделава кажа дека Русија ќе бара плаќање во рубљи за гасот кој го продава на „непријателските земји“, кревајќи тревога во Европа. Макрон кажа дека „постоечките договори забрануваат“ да се поставува барања за плаќање во рубљи.






