Значењето на овој објект го истакнува и МАРХ – Македонска архитектура.
„Половина век опстојување е првиот праг кон историска потврда и признание од една страна, а од друга – причина за одново размислување за вредностите на градбите кои опстојуваат. Бензиската станица „Билјанини извори“ е специфично решение совршено поставено насреде значајна сообраќајна раскрсница. Тоа е произлезено од соодветните архитектонски анализи кои потекнуваат од сообраќајната логика на свртување – кружен ток и смелите конструктивни можности кои ги дозволува рамномерното урамнотежено пренапрегнување преку централна вертикала. Авторот Ѓорѓи Голев и соработниците, достојно одговориле на професионалниот повик и задача. Објектот е редок пример на домашната сцена кој ја сочувал сопствената оригиналност, создавајќи функционална монументалност која е невозможно да ја игнорирате“, велат од МАРХ.
Имајќи предвид дека бензинската станица се наоѓа во Охрид, град со голем број историски и културни знаменитости, овој објект изминатиов половина век се наметна и како своевиден симбол на градот.
Јубилејот на бензинската станица „Билјанини извори“ се одбележува во годината во која што „Макпетрол“ слави и 75-годишнина од своето постоење. Компанијата во текот на сите овие години постави високи стандарди за квалитет, а преку стратешките инвестиции во наредниот период и понатаму ќе бидe пионер и предводник во енергетскиот сектор.






