Според тоа како се изјасниле самите граѓани за време на пописната операцијата, на четврто место според застапеноста е ромскиот јазик кој е мајчин јазик на 31.721 жители.
Инаку, македонскиот јазик е вообичаен јазик на кој се говори во домаќинството за 1.145.327 жители, што значи и за близу 20 илјади граѓани на кои македонскиот не им е мајчин јазик.
Кога станува збор за албанскиот јазик, за дел од граѓаните на Македонија тоа не е јазикот на кој вообичаено се зборува во нивното домаќинство. Поточно за 444.026 жители албанскиот е јазикот на кој вообичаено зборуваат, додека мајчин јазик е за 447.001 жители. Мала разлика има и кај турскиот јазик, 61.596 го зборуваат во домаќинството, а мајчин јазик е на 62.723 жители.
Од групата која би можела да се наведе како словенски јазици од поранешна Југославија, следуваат бошњачкиот, кој е мајчин јазик за 15.615 жители, српскиот како мајчин јазик на 11.252 жители, хрватскиот за 958 лица, српскохрватскиот за 416 лица, хрватскосрпскиот за 34 лица, црногорскиот за 87 лица и словенечкиот кој е мајчин јазик за 146 жители. Или, вкупно 28.535 жители говорат некој од словенските јазици кои беа застапени во поранешна Југославија и кои меѓусебе лесно се разбираат.
Влашкиот е мајчин јазик за 3.151 луѓе, а бугарскиот за 1.519 жители, но кај бугарскиот јазик е интересно дека само 762 лица го говорат дома.
Инаку, на пописот по административен пат се собрани податоци за 132.260, односно толку лица не се теренски попишани и за нив не се изнесени податоци во поглед на јазикот. Нивните основни податоци се добиени од базата на податоци на повеќе државни институции.
Инаку, резидентното население во Македонија брои 1.836.713 жители, од кои 911.087 се мажи, а 925.626 се жени.
Македонскиот е мајчин јазик за 556.820 мажи и 570.574 жени, албанскиот за 222.777 мажи и 224.224 жени, додека турскиот е мајчин јазик за повеќе мажи, отколку жени – 31.816 мажи и 30.907 жени.
П.Џ.






