„Не сум доволно задлабочен во овој проблем за да кажам дали оди според планот, како што велат Русите, или како што јас чувствувам“, рече тој во речиси 90-минутното интервју за АП, во Палатата на независноста во Минск. „Сакам да нагласам уште еднаш: чувствувам како оваа операција да се одолговлекува”.
Во интервјуто тој вели дека направил сè за да запре војна.
„Категорично не прифаќаме никаква војна. Направивме и правиме сè за да нема војна. Благодарение на мене, започнаа преговорите меѓу Украина и Русија“, рече Лукашенко.
Лукашенко рече дека користењето нуклеарно оружје во Украина е „неприфатливо бидејќи е веднаш до нас – ние не сме преку океанот како Соединетите Држави”.
Русија започна „воена операција“ во Украина на 24 февруари, а Лукашенко јавно ја поддржа руската операција. Но, сепак не распореди свои трупи во конфликтот. Во четвртокот за АП изјави дека Минск не претставува никаква закана за соседот, иако неговата војска спроведе вежби оваа недела.
„Никому не се закануваме и на никого нема да се закануваме. Не можеме да се закануваме – знаеме кој ни се спротивставува, така што да се предизвика некој вид конфликт, некаква војна овде… апсолутно не е во интерес на белоруската држава. Западот може мирно да спие“, рече тој.






