„Македонските граѓани плаќаат значително високи суми за користење на јавните патишта и бројот на наплатни станици постојано се зголемува, а од друга страна квалитетот на јавните патишта е на сериозно незавидно ниво.
Компаративно гледано, во побогати држави и земји кои се полноправни членки на Еврпоската Унија, се плаќаат пониски износи за користењето на јавните патишта. На пример, во Словенија – се плаќа 110 евра годишно, Словачка – 50 евра годишно, Швајцарија – 40 евра годишно, Бугарија – 50 евра годишно, Австрија 93 евра годишно, Чешка – 60 евра годишно.
Лице кое секојдневно патува од Велес до Скопје поради работни обврски, по сегашните износи на патарините, за седум дена ќе плати фамозни 28 евра. За споредба, тоа е четири пати повисока сума, во споредба со Словачка и Австрија, три пати повисока сума во споредба со Чешка, 3,5 пати повисока сума во споредба со Бугарија и речиси двојно повисока сума во споредба со Словенија.
Наведените суми само дополнително ја докажуваат потребата од намалување на износот на патарините. Недозволиво е македонските граѓани да плаќаат повисоки суми од претходно наведените држави, кога просечната нето плата е неколкукратно пониска споредбено со истите тие држави.
Ги повикуваме останатите пратеници во Собранието, особено пратениците од владејачкото мнозинство, да го поддржат овој предлог на закон кој е во интереси на сите граѓани“, се вели во денешното соопштение на Левица.






