„На секој студент, при запишување на студентската година, универзитетот му наметнува обврска да плати 1.000 денари, без притоа јасно да напомене каде одат тие средства. Како што произлезе, тие средства оделе во џебот на ректоратот, кои нечесно си ги додавале како бонуси на нивните и така високи плати: ректорот на универзитетот Сашо Коруновски – 1.997.595 денари, проректорот Љупче Кочоски – 585.875 денари, генералниот секретар Офелија Христовска – 226.496 денари, деканот на Факултетот за туризам и угостителство Охрид Цветко Андреески 158.800 денари, деканот на Технолошко-технички факултет Велес Татјана Калевска – 164.800 денари.
Додека просечниот македонски студент, секоја година е приморан летото да го поминува макотрпно работејќи во странство, со цел да ги плати студиите, универзитетската аристократија бескрупулозно им наметнува дополнителни трошоци, без притоа да го зголеми квалитетот на образование за студентите. Напротив, тие пари завршуваат во џебот на ректоратот. Со ваквото однесување на челниците на универзитетот „Св. Климент Охридски”, само дополнително се уништува кредибилитетот на универзитетот и довербата на студентите дека ќе бидат дел од принципиелна академска средина. Истовремено пратениците во собранието го одбија предлог законот на пратениците на Левица за зголемување на субвенционираниот студентски оброк, со што јасно се покажува игнорантниот однос кон студентите – кои се иднината на оваа држава. Црвена младина остро ги осудува овие коруптивни и несовесни дејства, и воедно апелира до Државната комисија за спречување на корупција и Јавното обвинителство да не замижат на овој криминал, и да ги преземат потребните дејства за судска разрешница“, се вели во соопштението на подмладокот на Левица – Црвена младина.






