недела, 14 декември 2025

Левица: Власта подготвува закони со кои Македонија ќе стане рударска колонија

Левица e против најавените измени на законите за рударство и геологија. Тие предупредуваат дека под изговор на „усогласување со европските стандарди“ се крие обид Македонија да се претвори во рударска колонија. Од партијата велат дека  власта се спрема за национално предавство и отворање пат кон трајна еколошка катастрофа.

Објавено на

часот

Сподели

„Новите закони за рударство и геологија, претставени како ‘усогласување со европските стандарди’, претставуваат директна опасност за претворање на Македонија во рударска колонија на Европската Унија. Под изговор на ‘стратешки проекти’ и ‘одржлив развој’, власта отвора врата за уништување на македонските планини, реки и почви, овој пат легализирано и со европско знаменце.

Ископот на ретки минерали, особено литиумот, е меѓу најзагадувачките индустриски процеси во светот. Секое рударско постројување значи исчезнување на природата: реките стануваат мртви канали, земјата неплодна, воздухот канцероген. Доволно е да се погледне примерот во Србија, каде проектот на ‘Рио Тинто’ предизвика масовни протести поради ризикот од уништување на целиот екосистем. Во Чиле и Боливија, локалното население веќе живее со недостиг на питка вода, поради трошење милиони литри за обработка на рудата.

Законот не значи ‘затворање на дивите рудници’, туку нивна легализација и замена со концесионери кои, со благослов на власта, ќе ја експлоатираат земјата и народот. Зад ‘зелените’ пароли стои црната вистина: отворање пат за оживување на проектите во Иловица и Штука, нешто што граѓаните веќе јасно го одбија.

Посебно е цинично што токму ДПМНЕ, која во опозиција жестоко зборуваше против рудниците на смртта и концесиите за странските корпорации, денес како власт го прави истото, уште поперфидно и прикриено зад европски флоскули.

Она што сега се прави е исто како во Србија: распродавање на концесии на странски корпорации кои зад себе оставаат пустош, загадена вода и неплодна почва. Тоа не е развој, туку национално предавство и трајна еколошка катастрофа.

Левица бара власта веднаш да се откаже од намерата за донесување на вакви штетни закони.

Нема цена со која може да се замени чистата вода, плодната земја и здравјето на нашите деца. Македонија не смее да стане рударска колонија“, се вели во реакцијата на Левица.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ