вторник, 31 март 2026

Лавров: Има надеж за компромис во преговорите со Украина

Објавено на

часот

Сподели

Руската страна наведува дека преговорите со Украина не одат добро, но дека има одредена надеж за компромис, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во интервју за руската телевизија РБЦ, пренесува ТАСС.

„Јас се водам од оценките дадени од нашите преговарачи. Тие наведуваат дека преговорите не одат добро од очигледни причини, но сепак постои одредена надеж за постигнување компромис. Таква оцена даваат и некои претставници на украинската делегација, на украинската страна, вклучително и вработени од кабинетот на претседателот Зеленски“, рече Лавров.

Лавров рече дека секогаш има шанси да се реши ситуацијата околу Украина. „Секогаш има шанси. На крајот на краиштата, како дипломат, немате право на друг одговор и други постапки“, рече Лавров.

Според него, шансите секогаш треба да се бараат и да се користат. „Охрабрен сум од одредена промена во реториката (на Киев), постои пореална перцепција за она што се случува“, рече министерот.

Лавров рече дека Русија ќе биде подготвена за контакти со украинската страна во иднина, но „треба да разберете која ќе биде додадената вредност“.

„Имавме добар разговор. Ќе бидеме подготвени за такви контакти во иднина. Но пожелно е пред сè да се разбере додадената вредност на таквите контакти. И, исто така, која е корелацијата на овие предлози да се создадат или организираат нови канали на интеракција со функционирањето на еден одржлив преговарачки процес – белорускиот канал“, рече тој.

Лавров рече дека украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба не изнел нови идеи на разговорите во Анталија. „Тој рече дека не дошол таму за да ги повторува јавно познатите изјави. Јас многу се заинтересирав. Но по час и половина од средбата, разговарајќи во присуство на турскиот министер (Мевлут Чавушоглу), и покрај тоа што три-четири пати потсетив дека би сакал да слушнам нешто што не е кажано јавно, тој не изнесе никакви нови идеи“, рече Лавров.

Шефот на руското МНР повика да им се даде можност на преговарачите на Руската Федерација и Украина да работат во мирна атмосфера. „Јас би им дал можност на преговарачите да работат во порелаксирана атмосфера, без да се вбризгуваат нови хистерии“, рече Лавров.

Во процесот на преговори меѓу Руската Федерација и Украина има конкретни формулации што се блиску до договор, рече Лавров и додаде дека се надева дека работниот дух што се манифестира кај претставниците на Киев ќе овозможи да се договори темата за неутралниот статус на Украина.

САД играат одлучувачка улога во одредувањето на позицијата на властите во Киев.

НАТО и Украина

Лавров рече дека реакцијата на НАТО на повиците од Украина го оладила жарот на Зеленски. „Се сеќаваме како претседателот Зеленски неодамна, пред неколку недели, зборуваше за потребата НАТО да го затвори небото, да почне да се бори за Украина, да регрутира платеници и да ги испрати на фронтот“, рече тој. Реакцијата на Северноатлантската алијанса, во која сѐ уште има разумни луѓе, го олади овој жар, рече тој.

„Кога исчезна Варшавскиот пакт, кога исчезна дури и Советскиот Сојуз, НАТО, по сопствена дискреција, без никакви консултации со оние што претходно беа дел од рамнотежата на силите на европскиот континент, почна да се движи кон исток и секој пат кога ја поместуваше оваа одбранбена линија надесно и кога оваа линија се приближи, и кога никој не ги сфати сериозно сите наши опомени во изминатите 20 години, тогаш ние ги истакнавме нашите иницијативи за европска безбедност, кои едноставно беа игнорирани од нашите, на наше големо жалење, арогантни западни партнери“, рече шефот на руската дипломатија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ