Во Придњестровје во последните денови се случија неколку напади, соопштија локалните власти, наведувајќи го нападот врз воената единица во близина на Тираспол, нападот со гранати врз министерството за државна безбедност и две експлозии што уништија антени што емитуваа програми на руското радио.
Одметнатата молдавска провинција затоа го зголеми нивото на закана од тероризам и постави контролни пунктови, објави официјалната новинска агенција на Придњестровје.
Како одговор на серијата експлозии во прорускиот сепаратистички регион Придњестровје и стравувањата од прелевање на конфликтот од Украина во таа мала источноевропска земја, молдавската претседателка Маја Санду свика седница на националниот Врховен совет за безбедност.
Во последните денови, Молдавија изрази загриженост поради изјавата на рускиот генерал дека Москва сака да ја преземе контролата врз јужна Украина како дел од нејзината „специјална воена операција“ со цел да има директен пристап до сепаратистичката енклава Придњестровје, која Москва ја поддржува економски и воено.
Придњестровје се отцепи од Молдавија по кратката граѓанска војна што избувна по распадот на Советскиот Сојуз во 1990 година. Енклавата има околу 500.000 жители, а Русија распореди околу 1.500 војници, кои служат како мировници.
Кишињев е многу чувствителен на какви било знаци за зголемување на тензиите во Придњестровје, особено по руската инвазија на Украина. Украинската влада, пак, стравува дека проруската енклава може да послужи како отскочна штица за нови напади врз Украина.






