Пратеникот Ковачки оцени дека Владата на Ковачевски тајно преговара со Бугарија и со администрацијата на Кирил Петков, дека процесот е целосно нетранспарентен и дека за исходот од преговарањето не е информирана ниту опозицијата, ниту Собранието.
„Политичките чинители, пратениците, стручната јавност и граѓаните на Република Македонија за текот на преговорите се информираат од изјавите на бугарските политичари во медиумите, а не од Ковачевски или Османи, кои се должни да реферираат и во Собранието и пред граѓаните. Наместо да се крие и да бега од јавноста, Ковачевски веднаш да побара писмени гаранции за македонскиот идентитет и јазик и од Бугарија и од ЕУ. Доколку тој одбие тоа да го направи, отвора сериозен сомнеж дека се водат преговори кои се на штета на македонските национални интереси“, рече Ковачки и потенцира дека Владата не смее да излезе надвор од македонските црвени линии.
Тој го повикува и Бујар Османи да дојде во Собранието и да ги информира пратениците за текот на преговорите, како и за тоа кои се следните чекори.






