Заврши сезоната за Тихомир Костадинов, Македонецот синоќа влезе на стартот од вториот дел на пресметката помеѓу Пјаст Гливице и Горник Лечна, но 22 минути подоцна мораше да биде изваден од игра поради повреда.
Тој ги оштетил лигаментите на коленото, ќе мора да биде опериран и го чека долга пауза. Повеќе информации ќе се знаат во следниот период, но се очекува Тихомир Костадинов да биде надвор од стројот најмалку шест месеци.
„Ќе се вратам посилен. Ви благодарам на сите за поддршката“ – напиша Костадинов на социјалните мрежи.
Неговата повреда е голем пех за Пјаст, но и за репрезентацијата на Македонија. Селекторот Боби Милевски нема да може да смета на Тихомор Костадинов за натпреварите во јуни во Лигата на нации, кога за десет дена се играат четири меча (Бугарија, Грузија и два протиг Гибралтар).
Офанзивниот фудбалер нема да биде ниту во комбинација за последните два натпревари од Лигата на нации кои се играат на крајот од септември.






