Од почетокот на руската инвазија на Украина, Кина е една од земјите што се воздржуваше да ја коментира војната и да го користи зборот „инвазија“.
Кинеските власти велат дека ќе продолжат со нормална трговија со Русија. Пред почетокот на војната претседателите на двете земји Владимир Путин и Си Џинпинг потпишаа договор за зголемување на трговијата.
Една од областите во кои Кина може да ѝ помогне на Русија е увозот на енергија, имајќи ги предвид санкциите на ЕУ и САД.
Пред три недели Европската унија одобри забрана за увоз на руски јаглен, што е мерка која постепено ќе се воведува во текот на четири месеци. Унијата увезува околу половина од својот јаглен од Русија, што претставува обрт на капитал вреден четири милијарди евра годишно.
Кинескиот увоз на јаглен од Русија минатата година достигна речиси седум милијарди евра, кога се удвои во споредба со претходната година.
Русија сега е втор најголем извор на јаглен за Кина, после Индонезија. Кина престана да купува австралиски јаглен пред 17 месеци откако Австралија, претходно втор најголем снабдувач во Кина, повика на меѓународна истрага за тоа како ковид почна да се шири во Вухан кон крајот на 2019 година.
Кина во моментов наплаќа царина од три до шест отсто на увезениот јаглен, во зависност од квалитетот. Укинувањето на царината ќе го направи увозниот јаглен поевтин и поконкурентен од јагленот ископан во Кина.






