среда, 1 април 2026

Кина ги критикува санкциите против Русија, ЕУ бара од Пекинг да не ѝ помага на Москва

Објавено на

часот

Сподели

Портпаролот на кинеското министерство Џао Лиџијан предупреди дека Пекинг „не одобрува решавање на проблемот со санкции“ и дека кога станува збор за Украина, нема да биде принуден „да избира страна или да усвои поедноставен пристап пријател-непријател“.

Кинескиот премиер Ли Кечијанг на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, и на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, преку видеоврска им кажа дека Кина „се противи на поделбата на блокови и заземањето страни“, рече кинескиот дипломат.

Кинескиот премиер одговараше на барањето на Европската Унија Кина да го искористи своето влијание и да помогне да му се стави крај на конфликтот во Украина.

Фон дер Лаен рече дека лидерите на двете страни „размениле многу јасно спротивставени ставови“ за многу теми, но изрази надеж дека Кина ќе го искористи своето влијание за да ја убеди Русија дека треба да ѝ се стави крај на војната во Украина.

„Кина и ЕУ имаат заемна одговорност да го искористат своето заедничко влијание и дипломатија за ставање крај на руската војна во Украина“, напиша Мишел на Твитер за време на паузата од разговорите.

Ли Кечијанг им рекол на лидерите на Европската Унија дека Кина работи за мировни преговори во Украина „на свој начин“, објави државната телевизија ЦЦТВ.

Тој повтори дека Кина е посветена на зачувување на меѓународното право и меѓународните норми, вклучително и територијалниот интегритет на сите земји.

Лидерите на Европската Унија и Кина се сретнаа денеска на првиот самит по две години, а Брисел врши притисок врз Пекинг да гарантира дека нема да ѝ испорачува оружје на Русија или да ѝ помага на Москва да ги заобиколи западните санкции што ѝ беа наметнати поради инвазијата на Украина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ