Пјонгјанг се закани дека ќе ги уништи главните мети во јужнокорејската престолнина Сеул доколку Јужна Кореја преземе каква било „воена акција“ како превентивен напад.
Сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, Ким Јо Џонг изјави дека тврдењата на јужнокорејскиот министер за одбрана „уште повеќе ги влошија меѓукорејските односи и воените тензии на Корејскиот Полуостров“, пренесе државната новинска агенција КЦНА.
Оваа изјава следи откако јужнокорејскиот министер Си Вук во петокот кажа дека неговата земја располага со ракети со значително подобрен дострел, прецизност и сила, кои „можат точно и брзо да погодат која било мета во Северна Кореја“.
Су кажа и дека министерството активно ќе ја поддржува војската за да обезбеди да биде способна да одговори на севернокорејската воена закана, а Северна Кореја ја нарече „непријател“.
Секретарот на Централниот комитет на Работничката партија на Северна Кореја Парк Џонг Чон, пак, изјави дека Северна Кореја „безмилосно ќе ја насочи сета своја воена моќ на уништување на големите мети во Сеул и јужнокорејската војска“ доколку јужнокорејската војска тргне во акција или превентивен напад.
Тензиите на Корејскиот Полуостров значително се влошија во последните недели откако Пјонгјанг тестираше две балистички ракети поврзани со новиот систем за интерконтинентални балистички проектили кој таа земја го развива и откако минатата недела спроведе таков тест, прв по 2017 година.
Тензиите би можеле да се засилат имајќи предвид дека следниот месец на должност стапува избраниот јужнокорејски претседател Јун Сук Јеол, кој во минатото зборуваше дека превентивните напади можеби се единствениот напад на спротивставување на новите севернокорејски хиперсонични ракети, доколку се покаже дека се спремни за напад.
Јун побара јакнење на врските со САД и вети дека ќе се обиде да воспостави траен трилатерален дијалог меѓу Сеул, Пјонгјанг и Вашингтон.






