понеделник, 16 февруари 2026

KAM: Нашата акција беше добронамерна и насочена кон лојалните потрошувачи

Објавено на

часот

Сподели

„Поради нарушувањата на пазарот, како последица на актуелните случувања во светот, менаџментот на КАМ направи напор и успеа да обезбеди пратка од 38.000 литри масло од приватната марка Ле бон за македонскиот пазар, квалитетен производ со пониска пазарна цена.

Одлуката да се подари целото количество во вредност од 55.000 евра, по принцип на таканаречено условено купување, беше донесена од две причини: да се овозможи рамномерна достапност на овој дефицитарен производ, односно да се избегне купување големи количества од страна на помал број лица и истовремено да им се даде подарок на редовните потрошувачи како благодарност за нивната лојалност.

Сакаме уште еднаш да потенцираме дека во времето на реализацијата на акцијата, на рафтовите во маркетите на КАМ беше достапно маслото Брилијант од 1 и 5 литри. Поради големата побарувачка, количините поставени на рафтовите се трошат брзо, во некои маркети побрзо отколку во другите, и можно е да помине кратко време додека тој недостиг се надополни. Во никој случај не станува збор за намерно отстранување на маслото од рафтовите.

Свесни сме за сензитивноста на времето во кое живееме и за последиците од глобалната криза. Како компанија во чиј фокус е потрошувачот, КАМ и понатаму ќе се стреми да обезбеди висок квалитет за своите купувачи по пониски цени. Ќе направиме сè што е во наша можност сите неопходни продукти да им бидат достапни во секое време“, соопшти компанијата КАМ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ