понеделник, 8 декември 2025

Извлечени две лица заглавени во автомобил во надојдената вода на Пчиња кај Стрновац

Две лица со автомобил заглавиле утрово во надојдената вода во село Стрновац во општина Старо Нагоричане поради излевањето на реката Пчиња и создавање на вирови, пожарникарите од општината ги извлекле.

Објавено на

часот

Сподели

„Денеска во 07:35 часот по повик од 112 дека има заглавени две лица до бањата во село Стрновац – Општина Старо Нагоричане, поради излевање на реката Пчиња, територијалната противпожарна единица од Старо Нагоричане интервенираше со едно возило и двајца пожарникари, информираа денеска од ТППЕ Старо Нагоричане.

Оттаму апелираат до граѓаните на Општина Старо Нагоричане да избегнуваат движења и секакви активности по течението на река Пчиња во Општина Старо Нагоричане, доколку се здогледа лице во опасност од временските услови веднаш да пријават на 112.

Управата за хидрометеоролошки работи, информираше дека водостојот на река Пчиња кај Пелинце, утрово е 120 сантиметри, вчера бил 18, што е значително повисоко со тенденција за пораст и три пати повисоко од просекот за ноември кој изнесува 41 сантиметри.

Реката Пчиња се излеа од коритото кај селата Пелинце и Стрновац, информира Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) Куманово.

Оттаму известуваат дека од општина Старо Нагоричане информирале дека на подрачјето на село Пелинце, во близина на Меморијалниот центар АСНОМ, како и на локацијата кај бања Стрновац, реката Пчиња се има излеано од своето речно корито за околу 20 сантиметри.

„Во моментот, излевањето не зафаќа куќи или викендици. Дополнително, кај Коински мост е забележано насобирање на поголема количина дрвја, кое го отежнува нормалниот проток на реката Пчиња. За состојбата е навремено известено Водостопанство Куманово, кое ќе постапи согласно своите надлежности“, соопштија од ЦУК.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ