„Во однос на хибридни закани, Република Северна Македонија како дел од НАТО, но и генерално како држава на Балканот континуирано се наоѓа под некаков притисок или потенцијална закана“, рече Петровска по презентацијата на новиот интерен систем за управување со јавните набавки во Министерство за одбрана.
Според неа, една од големите клучни придобивки од членството во НАТО е што земјава има капацитети да ја гарантира сопствената безбедност, но и е дел од колективниот систем за безбедност на Алијансата.
На новинарско прашање кои се причините за протерувањето на руските дипломати и дали се поврзани со безбедноста на државата, Петровска кажа дека МНР е надлежно да реагира на информациите што ги добива од безбедносно – разузнавачките служби.
„Се работи за случај на прекршување на Виенската конвенција за однесување на дипломатите во нашата држава. Што значи дека тие со своите постапки на некаков начин ги прекршиле, ги пречекориле своите овластувања“, рече таа.
Одговарајќи на новинарско прашање за сигурноста и безбедноста на информациите што се разменуваат со сојузниците од НАТО, Петровска појасни дека размената на информации што ги добиваат и ги враќаат назад преку системот на комуникација на НАТО каналите е безбеден и се работи за систем менаџиран и управуван од НАТО структурите.
Прашана во врска испраќањето на наши трупи во Источното крило во НАТО, прашање за кое што било дискутирано во Брисел, за каков вид опрема и што е побарано од нашата држава, Петровска децидна дека не се работи за испраќање војници од македонската Армија, туку за потребата за зајакнување на источното крило на НАТО, кое се спроведува од сите 30 сојузници. Земјите кои се определени каде ќе се зголеми присуството на НАТО силите, како што кажа, се Бугарија, Романија, Полска и Унгарија.
„Тоа се прави согласно плановите за распоредување на НАТО, во кое Република Северна Македонија не е вклучена затоа што тие се правени до 2016 година, но заради зголемениот ангажман ќе биде очигледна потребата и на вклучување на нашата држава. Но, одлука за такво дополнително вклучување сѐ уште немаме донесено, ниту сме се произнеле како држава. Со оглед на динамиката на терен, ако такво нешто конкретно е побарано од нас, ние ќе одговориме соодветно“, изјави Петровска.
Во однос на тоа дали сме подготвени, таа додаде дека Армијата секогаш е подготвена да одговори на предизвиците кои се од нејзиниот делокруг на работење.






