Од утре, рече Ѓорѓиевски, ќе почнeме со теренските посети и процесот на креирање на програмата со која ќе настапиме на локалните избори за Град Скопје.
„Фокусот ќе биде во решавање на сообраќајниот хаос, дивите депонии и хигиената во градот. Градот едноставно кажано е валкан. Немаме улица, немаме маало каде што немаме проблем со хигиената. Тоа е она што најмногу ги тишти скопјани, не само изминатите четири години, туку и неколку години претходно. Не можеме да направиме далечна отстапка од владеењето на Петре Шилегов со градот и Данела. Тука речиси и да нема некоја разлика меѓу нив двајца. Со тоа што ова што се случува во последните неколку години е катастрофа за сите нас како жители на главниот град. Сето она што ќе биде зацртано во програмата ќе дадам сѐ од себе во четири години мандат да биде реализирано. Тука ќе има и проекти со поддршка на Владата од која очекуваме силна поддршка и веруваме дека ќе има многу реализирани проекти. Скопје ќе биде претворено во едно големо градилиште, тоа што, за жал, не е слика за Скопје денес“, истакна Ѓорѓиевски.
Поддршката од неговата партија да биде кандидиран за градоначалник на Скопје, како што рече, е најголем предизвик во неговиот живот. Му се заблагодари на лидерот на партијата Мицкоски од кого рече ја има најголемата помош и досега при водењето на Општина Кисела Вода и, рече, верува дека таа помош и поддршка ќе ја има и во перспектива насочена кон градот Скопје.
„Апсолутно сум свесен во каква состојба се наоѓа градот Скопје, апсолутно сум свесен за девастираноста на градот, за сивилото што владее и во кое живееме сите скопјани, но исто така сум спремен по изборите повторно да го воскреснам Скопје и конечно Скопје да стане град за достоинствен живот за сите наши сограѓани, град без делби. Јас ќе останам достапен и близок за сите граѓани од Скопје. Не очекувајте да бидам салонски политичар зашто и во мојата Општина Кисела Вода во изминатите четири години покажав дека често сум во населените места и меѓу граѓаните и секогаш подготвен да ги ислушам нивните потреби и барања. Така ќе биде и во градот Скопје, ве уверувам во тоа. Ја барам поддршката од сите скопјани, без разлика на политичката припадност, вера и нација. За мене постојат само скопјани кои си го сакаат градот или не си го сакаат градот“, изјави Ѓорѓиевски на заедничката прес-конференција со Мицкоски.