„Германија е голема пречка за воведување построги санкции кон Русија“, изјави денеска на прес-конференција полскиот премиер Матеуш Моравјецки, додавајќи дека Унгарија не ги блокира санкциите.
Неговиот коментар доаѓа по вчерашната победа на премиерот Виктор Орбан на националните избори, откако се соочи со критики за неговиот недоволно остар став кон руската агресија во Украина.
„Мораме да видиме дека, без разлика како ѝ пристапуваме на Унгарија, ова е четврта ваква победа и мора да ги почитуваме демократските избори… Германија е главната пречка за санкциите. Унгарија е за санкции“, рече Моравјецки, пренесе Ројтерс.
Претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел вчера ја коментираше ситуацијата во градот Буча, нарекувајќи ја масакр. Мишел вели дека ЕУ ќе воведе санкции како одговор и ќе помогне во напорите да се соберат докази за употреба во меѓународните судови.






