Објавата ќе се случи во два чекори, пишува весникот. Истиот ден, финскиот претседател Саули Ниинисто ќе ја соопшти својата поддршка за влез на земјата во НАТО, а потоа парламентарните групи ќе дадат одобрение за пријавата.
Руската инвазија на Украина ги турна Финска и Шведска кон членството во НАТО. Откако Русија ја нападна Украина, тие земји ја напуштија идејата дека е најдобро мирот да се одржува на начин на кој јавно нема да се поддржува ниту еден голем блок.
Според финскиот устав, надворешната и безбедносната политика на земјата ги одредува претседателот во соработка со владата.
Одлуката за пријава за членство ќе биде потврдена на состанокот на претседателот и клучните владини министри по првичните објави на претседателот и парламентот, објави Илталехти.
Русија, која со Финска дели долга дури 1.300 километри граница и историја на конфликти пред 1945 година, предупреди дека Калининград, руска енклава на балтичкиот брег, повеќе нема да се смета за регион без нуклеарно оружје доколку Финска и Шведска решат за влез во НАТО.






